Николиќ: Имаме желби и дострели кои сакаме да ги достигнеме

Селекторот на македонската одбојкарска репрезентација, Душко Николиќ зборуваше за медиумите во пресрет на заминувањето за Тампере.  Нашата репрезентација ги заврши подготовките во Скопје и истите ќе ги продолжи во Финска, во пресрет на првиот натпревар пред четири дена.

Селекторот е оптимист, иако не сакаше да зборува за очекувањата, најави борба на секој натпревар.

„Се надеваме дека сме подготвени. Имавме доволно време за припреми и сметам дека го искористивме на добар начин. За жал, не ги исполнивме сите зацртани планови, бидејќи сакавме да играме уште неколку тестови, но поради ковид-проблемите не успеавме. Не можам да предвидам како ќе ја завршиме групата, зависи од многу фактори. Зависи од противниците, расположението на нашите играчи, но најважно е сите да бидат здрави. Се подготвувавме, имаме желби и дострели кои сакаме да ги достигнеме, знаеме со кои ривали да ја бараме шансата. Во групата има изразити фаворити, но ние никому не му признаваме додека не нè победи на теренот“, започна селекторот.

Мора да одиме од меч во меч и да бараме шанса за место во осминафиналето. Сите кои ја следат репрезентацијата ги знаат предностите и слабостите. Финска игра борбено и брзо, можеби и пребрзо на моменти. Сепак, брзата игра ја намалува прецизноста и точноста. На наша несреќа, имаат двајца добри техничари кои одлично ја водат селекцијата, Тервапорти кој е европска класа и Мико Еско кој се врати во репрезентацијата. Во однос на тимот од пред две години,  добија млад примач чие време треба да дојде, а станатите играа против нас пред две години. Јас сметам дека претходното првенство со Финска не го отворивме на нивото на кое можевме и тука ќе барам да се подобриме и да ги надополниме ситните детали“, заврши Николиќ.

Првата пресметка на второто Европско првенство за Македонија е закажана за први септември против домаќинот Финска, со почеток од 18:00 часот.