Николоски ја манипулирал јавноста за да го „урне неговото име“, тврди Заев

Премиерот Зоран Заев, како тужител, во својот исказ изјави дека смета оти „со јасно однапред смислена намера, заради политички цели се споделени апсолутни невистини, од страна на господинот Александар Николоски, со конечна цел, да се изманипулира јавноста”, односно, како што нагласи, со случајот „Рекет” да се „урне неговото име”.

Во Граѓанскиот суд во Скопје денеска се одржа главната расправа по тужбата на премиерот Зоран Заев против потпретседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски за клевета, за изјавата на Николовски дека „Заев е врвот на пирамидата во случајот „Рекет”.

На денешното рочиште свои искази дадоа тужителот и тужениот. Премиерот Зоран Заев, како тужител, во својот исказ изјави дека смета оти „со јасно однапред смислена намера, заради политички цели се споделени апсолутни невистини, од страна на господинот Александар Николоски, со конечна цел, да се изманипулира јавноста”, односно, како што нагласи, со случајот „Рекет” да се „урне неговото име”.

„Како актуелен претседател на Владата и претседател на СДСМ, а имајќи предвид дека тужениот е потпретседател или член на високото раководство на партијата опонент, ВМРО-ДПМНЕ, со многу јасно кажана изјава, преку која се гледа очигледната намера да се нанесе непоправлива штета која што ќе донесе корист, лично за него и неговата политичка партија, затоа што и јас и тужениот извршуваме високи политички и партиски функции и преку тоа, тужениот, би го намалил рејтингот, кредибилитетот и авторитетот пред граѓаните во кои што јас и тужениот, а и нашите политички партии претендираме да го градиме макотрпно, преку дела, тоа име“, истакна Заев.

Вака дадената, како што нагласи Заев, со намера осмислена изјава, нанесува штета пред неговите соработници, пред луѓето со кои секојдневно одлучува и заедно носат одговорни одлуки, кои што имаат рефлексија врз целиот народ и врз државата и секако нанесува непоправлива штета во поглед на неговата чест и углед и на неговото семејство, роднини и пријатели.

„Ова ги поминува сите граници на политичко општење кое што не е дозволиво никаде, ниту пак, било кој поединец вака со лаги и клевети нападнат треба да го дозволи“, потенцираше Заев.

Во поставените прашања од тужениот Николоски, Заев ги отфрли сите обвинувања и изјави дека одговорно тврди и потврдува дека лично тој, на обвинителката за организиран криминал Вилма Русковска и обвинителот Љупчо Јовевски, им го има пријавено случајот „Рекет” после сознанијата кои што му биле презентирани од лицето Орце Камчев.

Тужениот Николоски изјави дека не знае која е причината поради која е поднесена оваа тужба, бидејќи, како што реле, смета дека се работи за класична политичка дебата помеѓу власта и опозицијата.

„Нормална пракса, во едно демократско општество е опозицијата да ја критикува власта, а доколку власта не се согласува или евентуално има други наводи и сознанија, за она што е изнесено во јавноста, истото може да го демантира преку средствата за јавно информирање“, рече Николоски.

Дополни дека тужбата ја смета како притисок врз него со цел да престане да изнесува во јавноста информации и сознанија за работењето на власта, особено што, како што нагласи, ова е втора тужба од семејството Заеви кон него, што смета дека дополнително зборува за намерата да биде обесхрабрен да изнесува информации во јавноста.

Николскио рече и дека изјавата ја дал со цел да иницира политичка дебата и дека смета оти доколку истата била своевремено демантирана од СДСМ или од Владата, сега би биле искористени како доказ во тужбата.

Заев го тужи Николовски за изјава дадена во август 2019 во контекст на случајот „Рекет” во која го обвинува дека е на врвот на пирамидата што изрекетирала над 20 милиони евра. Завршните зборови за случајот се закажани за 4 октомври.