Николоски: Ако е власта чесна ќе го поддржи Законот за здруженија на граѓани и фондации на ВМРО-ДПМНЕ и ќе го стави како прва точка на дневен ред во Собрание, наместо 20 точка

Ние предлагаме закон со кој ќе се спречи контроверзни имиња да бидат имиња на здруженија на граѓани, да се злоупотребува правото на граѓаните да се здружуваат. Тоа ќе важи и за веќе регистрираните здруженија во моментов во Македонија, такви има две и во најава е уште едно, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски за „Тема на денот“ во Дневникот на Сител.

Николоски посочи дека она што  е исто така значајно е дека ВМРО-ДПМНЕ го поднесува законот по три месеца ветување на власта дека ќе поднесе ваков закон и откако три  месеца не поднесоа ваков закон, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ го поднесува.

„Се надевам дека ќе го поддржат, но морам да кажам дека сум скептичен. Прво законот е утре дури 20 точка на дневен ред, и второ пред него се ставаат точки коишто доколку има власта чесна намера да се донесе законот, нема да се стават, односно би се ставиле на друга седница. Тоа е избор на министер во Владата, се однесува на предлогот за Ристо Пенов, и една незаконска одлука за избор на уставни судии. Морам да кажам дека ова што сакаат да го направат е печат злоупотреба на службена положба и овластување и карта во еден правец за осудителна пресуда за претседателот на Собранието и за претседателката на комисијата за избори и именување,“ рече Николоски.

Истакна дека власта на дневен ред става избор на двајца уставни судии, во услови кога расправата во рамки на матичната комисија за избори и именување не е завршена и јасно е дека расправата треба да заврши за сите предлози, да се изјасни комисијата кој од тие предлози поддржува и после да оди на пленарна седница.

„Ова е невидено во македонскиот парламентаризам и овде не ги штити никаков имунитет. Ние жестоко ќе се спротивставиме, но утре за ова кривично ќе се одговара. Таа точка треба да се избрише целосно затоа што е незаконска. Како и за секое кривично дело ако некој е спремен да го направи го прави, но треба да е спремен за последиците“, посочи тој.

Во однос на законот за здруженија на граѓани и фондации, Николоски нагласи дека ако е власта чесна треба да го стави прва точка, па после тоа да се гледаат другите точки.

Потенцираше дека со овој закон нема да може да ги користат имињата кои ги користат сега како Цар Борис, Цар Фердинанд итн и додаде дека власта не го испитува испита потеклото на финансиите и начинот на кој се финансираат овие здруженија.

„Тие не се финансирани ниту од членовите на здруженијата, ниту преку бугарското МНР, туку од една фондација каде главен финансиер и сопственик е еден бугарски тајкун, главно присутен во медицинскиот бизнис, кој хара низ Македонија. Клучното прашање и за Агенцијата за разузнавање, агенција за национална безбедност и финансиско разузнавање е што прават овие три институции и зошто спијат? Основен опис на работа им е заштита на уставноправниот поредок на Македонија, а поголем упад од овие територијални, јазични, културни, народни претензии  и оживување на фашизмот, што може да биде друго? Директно се удира во темелите на државата, изјави Николоски.