Николоски: Достоинствено решение за името за кое ќе одлучуваат граѓаните на Македонија!

Законот за јазици не ја одразува реалноста во Македонија, бидејќи Албанците не се во процент еднаков на Македонците, така што инсистирање на вакви закони сериозно влијае на довербата меѓу етничките заедниците, а ВМРО-ДПМНЕ треба да гради партнерство со албанскиот народ на фер односи, каде што својата работа, својата битка ќе ја насочи за една економски попросперитетна Македонија за сите кои живеат во државата, рече во понеделникот потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, гостувајќи во емисијата „Алфаскоп“ на телевизијата Алфа ТВ.

Николоски смета дека од суштинско значење за државата е да ја задржи рамката во Обединетите нации, бидејќи тоа е единствената рамка каде што Македонија е на рамноправни основи и излегување од таа рамка би било само на наша штета.

„Излегувањето од таа рамка значи дека теоретски е возможно да се прошири и опсегот на разговори и методологијата на решение евентуално до кое би се стигнало“, оцени Николоски.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ треба да гради партнерство со Албанците во Македонија, а не со албанските политички партии. Со албанските партии, рече Николоски, треба да се има еден фер однос којшто го имала партијта и во минатото.

„Она што мислам дека е за забележување е тоа што албанските политички партии немајќи повеќе што да импонудат на своите граѓани, секогаш кога ќе дојдат во криза одат со радикални етнички чекори. Политичката партија ДУИ пред последните избори имаше 20 пратеници, потоа падна на 10 што е сериозен пад од 50 проценти. Сакајќи повторно да ја врати довербата кај електоратот, ДУИ отиде со еден радикален чекор и ги повлече и другите партии на Албанците во Македонија. Голем прашалник колку беше искрен чекорот и колку беа искрени намерите да се подобри животот на граѓаните во државата“, рече Николоски.

Смета дека минатата седмица изгласаниот само од парламентарното мнозинство Закон за јазици не ја одразува реалноста во Македонија, бидејќи Албанците не се во процент еднаков на Македонците, така што инсистирање на вакви закони сериозно влијае на довербата помеѓу етничките заедниците. Николоски притоа порача дека ВМРО-ДПМНЕ треба да гради партнерство со албанскиот народ на фер односи, каде што својата работа, својата битка ќе ја насочи за една економски попросперитетна Македонија за сите кои живеат во државата.

За новиот тим на ВМРО-ДПМНЕ, Николоски рече дека тоа е еден добар тим којшто претставува комбинација на искусни кадри коишто се долго време во партијата на одговорни позиции и многу нови лица кои можеби се непознати за политичката јавност но се многу познати по своите професионални ангажмани и се активни во партиските структури. Според него, поважно од тимот се концептите зад кои ќе застане тимот и тука е клучот на политичкото дејствување на ВМРО-ДПМНЕ.