Николоски: Ненабавувањето вакцини ја покажува суштината на неспособното владеење на Заев, а за жал тоа чини животи

Она што се случува со вакцините во Македонија е резултат на неспособноста на владата на премиерот Зоран Заев, во период кога луѓето продаваат станови и куќи за да се лечат приватно, здравството е хаос, луѓето умираат заради неспособноста на власта да набави вакцини за граѓаните, констатираше Александар Николоски, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во Собранието, кој во срадата вечерта гостуваше во емисијата „Што не е јасно“ во Алфа телевизија.

„За жал, ова што се случува со вакцините во Македонија само покажува колку функционерите на СДСМ во власта се големи неработници и колку е неспособна власта. За жал, цената на неспособноста на Зоран Заев ја плаќаат граѓаните со човечки животи. Неспособноста чини човечки животи, затоа што немањето превенција од коронавирусот, значи секој ден изгубени животи“, потенцираше Николоски.

Појасни дека заболените од коронавирусот немаат соодветен третман и немаат каде да се обратат затоа што немаат соодветна терапија.

„Се остава на матичните лекари кои се борат и сакам да им дадам на признание, но истите немаат насоки од соодветни институции, дополнително не се знае за оние кои се болни дали и кога треба да се хоспитализираат, а паралелно на тоа приватните болници прават едно „воено“ профитерство затоа што одат со исклучително скапи цени, а луѓето во паника гледајќи го хаосот настанат од Филипче во здравството, буквално продаваат станови и куќи за да можат да платат
лекување во приватна болница и плаќаат енормни цени кои никој не ги контролира“, рече Николоски.

Оцени дека „врвот на пирамидата“ на неспособност на власта е ситуацијата со вакцините против Covid-19, особено кога целиот регион забрзано спроведува имунизација на населението, а за што македонските власти се првичнот се оправдуваше дека се вакцинираат само земји членки на Европската унија, но оти ги загуби ваквите аргументи откако започна вакцинација и во Албанија, а во Србија веќе масовно се вакцинира, како и во Турција, земји кои не се членки на ЕУ.

„Србија во овој момент е втора во Европа, и седма во светот, а Македонија е последна затоа што воопшто нема почнато со вакцини, овие кои се на власт кај нас кои беа „обожувани“ и „способни“ во светот и му се подсмеваа на претседателот на Србија Александар Вучиќ, кој бил неспособен и изолиран, е сега тој неспособниот и изолиран е во моментов седми во светот, а Заев „способниот“ и интернационалниот е последен во светот затоа што само во Македонија нема вакцини“, рече Николоски.

Николоски праша каде му се сега на Заев тие големите пријателства и контакти за да набави вакцини, за да може да се спаси народот, на колку директори на производители на вакцини се јавил Заев да ги замоли да направат договори за вакцини?

„Дали Заев посетил некого во последниве месеци, дали станува збор за држава каде се произведуваат вакцини или фармацевтска компанија, нема мрднато од Струмица или Скопје, односно нема посетено никој, зошто го лажат македонскиот народ?“,  праша Николоски.

Рече дека целата ваква ситуација со епидемијата од коронавируост во земјата на дневна основа значи губење човечки животи, и оцени дека тоа ја покажува суштината на неспособното владеење.

„А ваква комбинација на вакви бандити ниту ќе имало, ниту ќе има, да беше ВМРО-ДПМНЕ на власт граѓаните ќе бираа какви вакцини да примаат, а немаше да се тера бизнис со веледрогериите како што тоа го прави власта“, заклучи Николоски.