Николоски од Прилеп: Во првите 100 дена од владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе го промениме законот за тутун и нема кило тутун да се увезе…

„Во нашата програма „Обнова на Македонија“ сериозно ќе се посветиме на зачувување на македонското национално достоинство, понатаму силен економски развој во Македонија дури и во вакви услови на корона криза, со зголемување на просечните плати за 25 проценти, пензиите во просек за 20 проценти, а најниските пензии и многу повеќе од тоа, рекордно ниско ниво на даноци од само 8 проценти, дополнително привлекување на странски и домашни инвестиции кои што запреа во овие три години, силна битка со организираниот криминал и корупција и нашиот проект за потекло на имот на сите функционери, политичари и останатите јавни функционери во изминатите 30 години“, изјави денеска потпретседателот и носител на изборна единица 4, Александар Николоски од посета во Општина Прилеп.

Николоски го повика Заев да одговори пред македонската јавност дали може да го докаже потеклото на своето богатство, но и богатството на неговото семејство.

„Сакам јавно да го повика Зоран Заев наместо да се заканува во напад на очај заради резултатите кој што и тој ги гледа и енергијата што стига, да одговори пред македонската јавност дали е спремен да покаже и докаже дека може да одговори од каде потекнува неговото богатство и богатството на неговото семејство, кое што во овие 18 години колку вкупно до денес Зоран Заев е на јавна функција стана најбогато семејство на Балканот“, рече Николоски.

Николоски додаде дека СДСМ во 2019 година донеле закон штетен за тутунарите од прилепско, бидејќи со законот за тутун се дозволувало узвоз на тутун пред да се откупи домашниот тутун.

„Второто прашање на кое што нема одговор а се уште го бараме повеќе од година ипол е зошто се донесе закон за тутун во 2019 година со кој што се дозволи да се увезува тутун пред да се откупи домашниот тутун и зошто за оваа година има потпишано договори за 20 милиони тони тутун иако вкупните производствени капацитети во Македонија се некаде 25 до 27 милиони тутун. И што ќе се случи со овие 5 до 7 милиони кои што ќе останат. Дали тоа се прави така за да се уценуваат земјоделците, за да им се сушта цената, за да се намалува класата и за некој дебело да се профитира со таа работа“, праша Николоски.

Во однос на програмата „Обнова за Македонија“, Николоски порача дека владата на ВМРО-ДПМНЕ се обврзува во првите 100 дена да го промени штетниот закон за тутун, додавајќи дека со програмата на ВМРО-ДПМНЕ ќе се гарантира класата на тутунарите се со цел да не им биде обезвреднуван трудот, како и зголемување на субвенциите.

„Ние се обврзуваме дека во првите 100 дена влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе го промениме законот за тутун и нема кило тутун да се увезе, додека не се откупи целокупниот македонски тутун. Второ ќе се гарантира класата на тутунарите за да не им биде обезвреднуван трудот. Трето зголемување на субвенциите, четврто, подобра контрола преку реформи во Здруженијата на тутунари за да не бидат контролирани од партиски апарати кои што се сериозно навлегоа во криминал, и петто а за мене најбитно достоинство за земјоделецот“, нагласи Николоски.