Николоски: Работите во земјата ќе се подобрат само со промената на власта на предвремени избори

Ова ќе е економски тешка година затоа што јасно е дека војната во Украина ќе трае долго како што стојат сега работите, но постојат и многу работи кои што дома можат да се направат и кои што можат да ја подобрат состојбата. Не гледам капацитет во оваа Влада дека тоа може да го направи. И затоа мислам дека една од основните задачи се предвремени парламентарни избори после кои што се надевам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе добие голема поддршка кај народот за да можеме да составиме Влада и ќе почне да ја влече државата од овој безизлез во кој што е сега“, истакна Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во емисијата „Што не е јасно“ на Алфа телевизија.

Николоски додаде дека во продлабочување на кризата одиграа улога и надворешните фактори како што е Covid-19 и војната во Украина. Но за сериозната економска криза во Македонија главен виновник е неспособната Влада.

„Внатрешни фактори кои што дополнително народски кажано ставаат масло на оган, тука пред се е високата распостранета корупција, криминал и општата состојба на безнадежност што ја чувствуваат граѓаните. И кога сето ова ќе го ставите во комбинација и во контекст, навистина постои помеѓу народот огромно разочарување дури и многумина мислат дека и нема излез. Не само што е допрено дното, туку многумина мислат дека не може да се оди нагоре откако веќе е допрено дното. И затоа мислам дека основна задача за оваа 2023 година е да се врати оптимизмот, да се врати вербата и надежта, светлината како што велам во својата колумна кај народот. Затоа што тоа е основа за да имаме напредок во државата“, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој посочи дека со промена на власта, со предвремени избори работите во државата ќе почнат да се средуваат пополека. Со менување на работите на подобро ќе започне и да се менува расположението кај граѓаните.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.