Николоски: Сѐ уште е отворена понудата за лидерска средба, спремни сме да разговараме со кој било од СДСМ

„Иако формалниот претседател на СДСМ и премиер на македонската Влада, Димитар Ковачевски ја одби понудата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, професор д-р Христијан Мицкоски за лидерска средба на која, меѓу другото, би се разговарало и за одредување на брз датум за предвремени парламентарни избори, понудата се уште стои отворена“,  истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски од Неготино, запрашан, дали и покрај одбивањето на Ковачевски да седне на лидерска средба со Мицкоски, се уште важи понудата. Тој додаде дека освен што понудата е отворена, тие се спремни да разговараат со секого во СДСМ кој носи одлуки, како на пример Зоран Заев, Радмила Шеќеринска или некој друг.

Николоски додаде дека единствен излез од економската и политичка криза на Македонија се предвремените парламентарни избори и тие треба да се одредат час поскоро, но до тогаш ја повика власта да ги прифати четирите тима со високи професионалци од четирите клучни сектори кои ги предлага ВМРО-ДПМНЕ, со цел овие тима да работат и да нудат решенија за излез од кризите во Македонија.

– Спремни сме да седнеме и да разговараме со тој кој што тие ќе го посочат дека ги носи одлуките во СДСМ. Ако е Зоран Заев, Радмила Шеќеринска, ако е некој трет… Потребно е Македонија да излезе од политичката и економска криза, преку решенија во четирите клучни сектори, економија, надворешни работи,евро интеграции, односи со Бугарија и заштита на македонскиот национален идентитет, образование и здравство. И секако, определување на брз датум за предвремени избори, рече Николоски.

Тој додаде дека Македонија е единствената држава во Европа која што се соочува со сериозни кризи, а каде власта одбива комуникација со опозицијата.