Николоски: СДСМ форсираат изградба на зграда на косовски инвеститор на местото на Општина Гази Баба

СДСМ свесни дека ќе ги загубат изборите форсираат изградба на станбена и деловна зграда на косовски инвеститор на локацијата на Општината Гази Баба, каде општината речиси нема да добие ништо, па се поставуваат прашањата зошто мора да е инвеститор од Косово, зошто немаше лицитација и кој е интересот на актуелниот градоначалник во сето ова, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски за време на посетата на Гази Баба.

Николоски потенцира дека локацијата е атрактивна на самиот булевар наспроти хотелот „Континентал“, но во планираниот објект општината ќе добие само неколку канцеларии додека се друго ќе биде за тн. инвеститор.

– Дали толку немаше градежна фирма во Македонија за да го направи ова па мораше да се прави со косовска фирма и зошто се оди на овој начин, кога веќе општината решила да не го поседува тоа земјиште, зошто не го даде на јавна лицитација и да се натпреваруваат фирмите за да се постигне висока цена и со таа цена да се наполни буџетот за да се инвестира во канализациони и водоводни системи и колкав е личниот интерес на градоначалникот во овој проект?, запраша Николоски.