Николоски се сретна со Гиоге од француското министерство за надворешни работи: Македонија и Франција имаат добри односи, економската соработка треба да е приоритет

Во рамки на својата посета на Париз, вториот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во понеделникот се сретна со Силван Гиоге, заменик директор за европски прашања на Министерството за надворешни работи и европски прашања на Франција.

На средбата било разговарано за билатералните односи меѓу Македонија и Франција при што е констатирано дека тие се во нагорна линија.

Исто така, било дискутриано и за соработката на ВМРО-ДПМНЕ како водечка политичка партија и Француската Република,  при што се констатирано дека ВМРО-ДПМНЕ е „сериозен партнер“ со којшто може да се разговара за основните прашања во Македонија како што е владеењето на правото, економската соработка, интеграцијата на Македонија во ЕУ.

Притоа од страна на Николоски била искажана желбата Македонија да добие датум за почеток на преговори за членство во ЕУ затоа што тоа го заслужуваат граѓаните на Македонија и граѓаните на Македонија не смеат да бидат жртва на неуспесите на Зоран Заев.

„Во делот на владеењето на правото Николоски го искажа разочарувањето од тоа што Македонија е на 111 место во перцепција за корупција и Македонија тоне во корупција со оваа ненародна Влада на Заев, а во однос на економската соработка се констатираше дека истата треба да се продлабочи и надгради до степен да има што повеќе француски директни инвестиции во Македонија и тука Николоски истакна дека приоритет број еден на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде политика на привлекување на странски инвестиции така што новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе работи силно на привлекување на странски директни инвестиции коишто треба да ја намалат невработеноста да ги зголемат платите и да внесат етика во работењето, исто така да го зголемат извозот на компаниите коишто произведуваат во Македонија. Во таа насока се дискутираше и за соработка со Франција и наменски компании од Франција, се разговараше за проекти коишто би биле интересни за Француската Република во Македонија како и за поголемо присуство на француските компании во безбедносниот и одбранбениот сектор, информираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Николоски ја истакна посветеноста и на ВМРО-ДПМНЕ во однос на интензивирање на соработката на Македонија и Франција и надежта дека по формирањето на нова влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ таа соработка ќе расте и ќе јакне и ќе е многу посилна од тоа што е сега, како и надежта дека Македонија ќе почне и успешно ќе води преговори за членство со ЕУ.