Николоски: Власта продолжува со теророт и притисокот врз неистомислениците

Апсењето на Трајко Вељаноски е продолжување на теророт и притисокот кој оваа хунта на власт го прави, оценува потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во своето гостување на телевизија Алфа.

-Тоа е злоупотреба на правосудниот систем, на обвинителството, на судството, на полицијата, да прават директен политички притисок врз неистомислениците. Како што гледате, тоа го прават на рати. Како им паѓа рејтингот, а имаат драстичен пад, така го зголемуваат теророт. Ова е еден очајнички обид, обид кој нема врска со правото и правдината, оценува Николоски.

Тој му порача на Заев дека треба да е свесен дека работите се менуваат.

-Кога ќе се сменат работите, можат да се сменат и улогите. Тоа може да се случи многу лесно. Би им порачал 10 пати да размислат пред да прават нешто. Во однос на поранешниот претседател на Собранието, сметам дека овој акт е неуставен затоа што тој е пратеник во Собранието, ужива имунитет и без Собранието да го симне имунитетот, не може било каква активност да биде превземена, порача тој.

Николоски оценува дека обвинителството, судството и полицијата го кршат уставот за што еден ден некој ќе понесе одговорност.