Николоски: Возможно е членство во НАТО и ЕУ без промена на Уставот

Ние и после пропаста на референдумот кажавме дека Преспанскиот договор е политички мртов и празно слово на хартија. Останува да се бориме и да продолжиме да работиме како политичка партија овој договор на крајот на денот е политички мртов, ова во вестите на телевизија Телма при своето гостување го истакна Александар Николоски, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

-ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да ги користи сите механизми кои што ни стојат на располагање, а првиот ден кога ќе сме на власт и затоа ги бараме изборите, ќе направиме сѐ, затоа што подобар од овој договор за Македонија е возможен. Возможно е Македонија да е дел од ЕУ и НАТО и во исто време да не треба да се промени Уставот, со цел промена на името, тоа е возможно со силна дипломатија и експерти покрај себе. За жал ние имавме 60 експерти ангажирани од Грција, а од другата страна двајца луѓе Заев и Димитров кои што по секоја цена сакаа овој договор, едниот да се спаси од кривичен прогон, другиот надевајќи се на политичка кариера, рече Николоски.

Тој додава дека неповратни процеси во историјата нема и вели дека со согласност на двете држави се менуваат амандманите и се подобруваат истите.

-Се е менливо и минливо во животот и во таа насока мислам дека силна дипломатија пропратена со експерти може да го направи тоа, а паралелно мора да се работи на подобрување на економскиот стандард, рече Николоски.

Николоски вели дека дека партијата и тој самиот чувствуваат гордост затоа што не се дел од процесот за промена на името.

-Не сме дел од ова срамна трговија која што нема да донесе ништо друго освен нарушување на македонскиот идентитет, губење на националните позиции и за жал промена на името. И од таа страна ние сме горди бидејќи не сме дел од тоа сценарио, иако се направија секакви обиди и уцени ВМРО-ДПМНЕ да биде дел од овој процес. За мене лично оваа држава ќе продолжи да се вика Македонија без разлика на сѐ, рече Николоски.

Премиерот Заев согласно очекувањата избега од избори затоа што кажа уште едно друго решение, дека не би биле во корист на економијата и реформите на Република Македонија иако тој е веќе две години премиер на Република Македонија и нема ниту „Р“ од реформи, ниту „Е“ од економија, напротив економијата оди надолу, а секој ден гледаме корупциски скандали и инвестиции не доаѓаат, потенцираше Александар Николоски во вестите на телевизија Телма.

-После се она шо се случи, особено после срамната промена на името, логичен след е да се одржат предвремени парламентарни избори заедно со претседателските на кои што граѓаните ќе кажат дали се согласуваат со промената на името на државата, а тие тоа го кажаа на референдумот. Едно големо мнозинство одлучи тивко да го искаже тоа преку не излегување на референдумот кој пропадна, но сега ќе имаат можност гласно да го кажат и да ја отфрлат оваа ненародна власт. Заев е свесен за тоа и затоа бега од избори, заклучи Николоски.