Николоски за проблемот со Бугарија: Силна дипломатија и со јасно исцртани национални позиции, може да ја придвижат ситуацијата на подобро

Лично предупредував на штетата која може да се случи со потпишувањето на штетните договори. Уште во 2019 година апелирав дека заради овие договори Македонија во иднина може да се соочи со блокада од соседите, да прифатите комисија за историја да решава за иднината на државата е политички аматеризам и неприфатливо, вели во интервјуто за МКД.мк потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски.

-На Балканот каде што отсекогаш имаме нерешени историски прашања, да прифатите дека комисија за историја помеѓу две држави ќе треба да усогласи заеднички став за клучни историски личности, личности врз кои се создава македонската држава е нешто со што може само штета да направите на сопствената држава. Во април побарав заеднички став и изработка на стратешки документ кој ќе е обврзувачки за сите фактори во државата и ќе се користи како одговор на уцените од Република Бугарија. Наместо тоа, СДСМ се обиде да релативизира и да ја игнорира опозицијата. Сите овие погрешни политики за кои ние апелиравме ја донесоа Македонија во ќорсокак и сега имаме сериозен проблем во евроинтеграциите на државава, нешто што е од интерес за сите граѓани. Ако ВМРО-ДПМНЕ сега ја водеше владата, ќе имаше еден отворен и искрен дијалог со опозицијата и ќе правеше сѐ да изгради национална стратегија, заедничка позиција и да ги искористи најдобрите умови без разлика од која партија се, затоа што така прават паметните и успешни држави, вели Николоски.

На прашањето на МКД „Како би го решиле вие проблемот со Бугарија?“, Николоски вели дека со силна дипломатија и реформи внатре во државата и искрен однос со јасно исцртани национални позиции подржани од сите, може да ја придвижат ситуацијата на подобро од ова што го имаме во моментов од Зоран Заев.

– Силна дипломатија, реформи внатре во државата и искрен однос со јасно исцртани национални позиции подржани од сите, може да ја придвижат ситуацијата на подобро од ова што го имаме во моментов од Зоран Заев. Исто така потребно е многу да се испорача дома. Верувајте, многу повеќе притисок ќе има врз Бугарија кога Македонија ќе е средена држава со функционален систем на владеење на правото. Тоа го нема и затоа Бугарија е релаксирана да прави што сака. Потребна е и стратегија за претставување на Македонија во државите членки на ЕУ со силна промоција и лобирање. Тоа мора да се прави. Ние сме мала држава и мора да имаме агресивна промоција во државите членки на ЕУ и да соработуваме со фондации, институции, организации кои ќе лобираат за Македонија. Сето ова заедно може многу да ја поправи ситуацијата во која е Македонија. Колку има волја за ова, тоа е друго прашање. За жал ја нема кај Заев и Владата, додава Николоски во интервјуто

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.