Николов: На старт државата имаше ноншалантен однос кон ситуацијата со корона вирусот

Вечерва во емисијата „Што не е јасно“ гостуваше Игор Николов, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ при што посочи дека плативме голема цена од оваа ситуација која произлезе од корона вирусот. Дополнително реалноста не е така розева како што ни велат.

Според него следи период и ќе треба да се навикнуваме на нешто ново нормално кое ќе значи пред се дистанца.

„Сакам ова нормално да го споредам со периодот во 2001 година и терористичките напади по кои се навикнавме дека во авион не треба да носиме вода, течности со нас. Така сега ќе се навикнеме и на дистанцата, затоа што со тоа  и се себе заштитуваме и секако блиските. Ова е период на некакво затишје, иако не верувам дека е така. А, ако е така треба да го искористиме за проучување на грешките, бидејќи имаше многу посебно на почетокот кога многу се доцнеше. На пример на почетокот требаше да се следат патниците кои влегуваат на аеродром, а само наводно се мереше само температура, а на копнените граници немаше речиси никаква контрола. Потоа на луѓето кои влегуваа во државата требаше да им се каже што да прават, како да постапуваат, а кога разговарате со нив велат никој ништо не ни кажа. Луѓето не добиваа совети“, истакна Николов.

Тој укажа и дека немаше доволно опрема посебно за здравствените работници.

„Во оваа ситуација која произлезе од корона вирусот главниот пропуст е што немаше доволно тестирања, нема тестирање на лица од ризични групи. Едноставно се нема стратегија за тестирањата, за скрининг на населението, а тоа  е клучно,  нагласи“, Николов.

Според него во оваа ситуација се манипулира и со бројката на тестови кои се прават на дневна основа, како и со периодот за добивање на резултатите. Ако се избрза со изборите може лесно да дојдеме и до втор бран.

„Дека вториот бран може да биде посилен говорат и германски експерти затоа треба да се оди претпазливо со мерките. Тие мора да бидат соодветни. Оттука мора да има и избори кога ќе има услови за нивно спроведување“, вели Николов.