Николов: Се отвара можност за дискриминација на луѓето, доколку не се испрецизираат јасно предложените мерки за вакцинален сертификат

За жал, и за овој четврт бран чувството и кај мене и кај колегите е дека не гледаме јасно кој е планот. Општото чувство е дека повторно влегуваме во нешто, можеби повеќе спремни од претходно, но не задоволително, заради тоа што чувството на неорганизираност и недобар план и понатаму постои, вели доктор Игор Николов, прв човек на Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ во Неделното интервју за Радио Слободна Европа.

„Се прекинуваат одмори на колеги и на медицинскиот персонал којшто не е одморен две години и доколку беа спремни тимовите, доколку беа спремни ротациите сето тоа веќе требаше да биде испланирано и подготвено и да нема прекини на она што се случува и да нема дисконтинуитет“,

Според доктор Николов, ова што сега ни се случува е влегување во едни мерки одеднаш.

„До извесен период ние бевме во еден период кога немавме никакви мерки. Доколку се преземеше нешто пред месец и половина или кога беше најавен овој четврт бран, овој Делта бран, тоа беше на почетокот на јули месец, дури и нашата Комисија даде јасни, кратки, 15 предлози со кои требаше да се подготви здравствениот систем“, кажува Николов.

Докторот објаснува дека „како најпрво и најзначајно требаше да се воспостави контрола на границите, на граничните премини“.

„Во никој случај не смееше да се дозволи луди журки и забави во затворен простор. Можеби тоа не беше дозволено на хартија, официјално напишано, но сите бевме сведоци. Ние кога сме сведоци дека нешто се случува, не видовме корективна реакција. Овие собирања во затворен простор траеја два и пол месеци, сите бевме свесни дека тоа ќе резултира со некаков исход, но никаква мерка не беше преземена, никаква корективна акција не видовме. Не можеме само да кажеме дека имавме мерки на хартија, но некој не ги спроведувал и не го контролирал мерките“, кажува Николов.

Според докторот има мерки каде што се предлага вакцинален картон или пас, но во мерката немаме предвидено дека и вработениот во тој бар или ресторан и тој треба да биде вакциниран и тој треба да биде заштитен од ковид-19.

„Заради тоа нашето тврдење и понатаму е дека доколку не се осмислат вистински мерки, доколку не се испрецизираат и не се заштитат правата на граѓаните постои голема и широка можност за нивна дискриминација. Бидејќи не се однесува само за мерки за рестораните и кафаните, истото е и за компаниите кои вработуваат работници. Туку просторот доколку не е прецизиран постои голема можност за нарушување на човековите права“, заклучува Николов.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.