Претседателот на Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ, д-р Игор Николов во гостувањето во телевизија Сител се осврна на повеќе актуелни теми како набавка на вакцини и прпусти во справување со последиците од корона пандемијата.
– Флоскула е кога велат дека сме прва држава во која ќе бидат вакцинирани сите здравствени работници, тоа не е вистина. Вакциниран е многу мал дел од здравствените работници. Дополнително правото на вакцини е неприкосновено, а вакцини во Македонија нема – рече Николов.
Тој укажа на сите пропусти кои ги направил министерот за здравство, Венко Филипче.
– Пропусти има во континуитет. Првиот бран помина без лична заштитна опрема, вториот без медикаменти, болнички места, третиот бран минува без вакцини – рече Николов.
Тој се осврна и на последната мерка воведување на полициски час.
– Има многу прашања како дали мерката е вистинска во даден момент или закаснета, се следат ли епидемиолошки параметри, се почитуваат ли веќе постоечките мерки. Одговорот е не. И сега одат со една генерализирана мерка – смета Николов.
Тој посочи дека доколку би бил министер, а ситуацијата е ваква каква што е прво што треба да се направи е оставка.
– Министерот Филипче треба да си даде оставка. Нема справување со последиците на корона. Доблесно е да си поднесе оставка, особено по ова денес што го видовме и слушнавме. Замислете се преговарало се контактирало за набавка на вакцини, а очигледно целта била лични бенефити. Се надевам ќе се испита оваа работа и ќе има резултати од сево ова – кажа Николов.
Говорејќи за случајот со родилката на која и беа извадени здрави органи Николов оценува дека станува збор за скандал.
– Судир на интереси е еден директор да работи сам кај себе во своја ординација. Ова се недозволиви работи, затоа време е конечно да се фокусираат надлежните на системските проблеми. По ваков исход во идинина кој би се осмелил од граѓаните да пријави ваков или сличен случај -праша Николов.
Тој се осврна и на предлог законот за проект на нов клинички центар.
– Ова што го нудат како закон за нов клинички, не е закон. Тоа е уште една пиар флоскула од 9 члена. Во тој текст никаде не пишува дека некој ќе го контролира процесот на изградба на нов клинички. Дополнително се повикуваат на анализи од 2009 година, знаете колку е сменета ситуацијата во последната година по појавата на корона. Потребен е поинаков пристап. Последиците од кризата го бараат тоа – рече Николов.