11.8 C
Skopje
четврток, март 28, 2024

Николовски: Ќе реализираме голем број на капитални проекти во Кратово и во 2023 година

И покрај големите проблеми и тешката состојба предизвикани од светската економска и енергетска криза, која предизвика инфлација и поскапување на сите услуги и трошоците за живот, Општина Кратово планира реализација на голем број проекти во нареднава 2023 година.

Ова е главната поента од обраќањето на Тодорче Николовски, градоначалник на Општина Кратово на средба на градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ коалицијата која што се одржа во Кочани.

Општина Кратово ја наследив со голема кадровска неекипираност во општинските служби, недостаток на проекти и технички документации, но и со комплицирана соработка со Министерството за транспорт и врски и останатите органи на централната власт, која за нас е многу потребна, пред се поради статусот на централното градско подрачје кое е прогласено за Културно наследство од особено значење. Општина Кратово, заедно со својата администрација и Совет, со максимални напори и голем труд успеа да изработи голем број на проекти и градежни активности – кажа градоначалникот Николовски.

Кратовскиот градоначалник најави реализација на голем број на капитални проекти за идната 2023 година, кои покрај од сопствени општински средства, би биле реализирани и со финансиски средства од други тела и агенции.

Во 2023 година ќе се изврши реконструкција на улицата „Јосиф Даскалов“ која е една од најважните сообраќајници во централното градско јадро, а за чија реализација се потребни 12,6 милиони денари. Со овој проект е предвидена реконструкција и целосна замена на старата коцка. Тука е и капиталниот проект за асфалтирање на улицата „ Ѓорѓи
Какашевски“, на потегот наречен „Млачки пут“ за чија реализација обезбедивме 5 милиони денари. Веќе се завршени постапките и избран е изведувач за уредување на кејот на Кратовска река, каде ќе се изградат пешачки мостови, ќе се постават заштитни огради, ново осветлување, ќе се изгради пешачка патека до спомен костурницата. Во тек се постапките за избор на понудувач за уредување на платото пред Домот на културата во Кратово, а се планира и ревитализација на турскиот затвор. Обезбедивме средства во износ од 3 милиони денари од ТАВ програмата за изградба на водовод во селото Полови, а обезбедени се и средства во износ од 4,6 милиони денари за набавка на градежна машина која ќе биде од огромно значење за секојдневните активности на нашата општина – додаде градоначалникот Николовски.

Градоначалникот на Кратово најави реализација на повеќе проекти и со средства кои планира да ги обезбеди преку Северноисточниот регион за кои општината има изработени технички документации, а тука се реконструкција на повеќе локални улици и патишта, како што се „Вера Пазаванска“, дел од улица „Табачка маала“, дел од улица „Планинска“, изградба на пешачка патека од црквата „Свети Ѓорги Кратовски“ со местото Габреш и многу други проекти.

Регионалната средба беше организирана од страна на Комисијата за локална, Комисијата за инфраструктура, урбанизам и транспорт и Комисијата за финансии при ВМРО-ДПМНЕ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.