Николовски најави нови мерки за сите фирми кои беа затворени во изминатите 14 дена

Вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски вечерва најави дека во вторник, на следната владина седница, ќе биде предложен новиот пакет мерки кои ќе ги опфати сите субјекти кои беа затворени во изминатите 14 дена.

– Ќе бидат донесени нови десетина мерки во интерес и на компаниите и на граѓаните – најави Николовски во вечерното гостување на телевизија Сител.

Прашан дали имало прекршување на законите при денешното гласање во Собранието на кое присуствуваа и двајца пратеници заболени од ковид-19, Николовски оцени дека ниту еден протокол или закон не се прекршени и упати честитки до двајцата пратеници.

– Се потврди владеачкото мнозинство и дека ова владеачко мнозинство нема да прифати уцени кога треба да испорачаме пари за граѓаните – рече Николовски, додавајќи дека сите кои се погодени од оваа криза не смеат да бидат заложници на еден човек и на опозицијата која, според него, постојано тврди дека има мнозинство во Собранието за, како што рече, да си ги одржи внатрепартиските состојби.

Тој додаде дека имаат целосно екипирана коалиција која цврсто стои зад потребите на граѓаните и која нема да прифати уцени врз грбот на граѓаните.