Николовски: СДСМ почна контакти со партиите, преговори по Илинден…

54

СДСМ почна контакти со повеќе политички субјекти, а процесот на преговори ќе почне веднаш по илинденските празници, вели генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, во интервју за порталот „Локално“.

„Сѐ уште течат роковите за целосно заокружување на изборниот процес, следува конституирање на Собранието, по што претседателот на државата има 10 дена да го додели мандатот, а мандатарот потоа, во рок од 20 дена, треба да состави предлог за влада. Очекувам во текот на август да го заокружиме изборниот процес согласно уставните рокови, со што ќе се стават во функција новото Собрание и новата влада“, истана Николовски.

На прашањето дали е опција да се формира широка коалиција со цел да се избегнат условувањата од ДУИ за премиер Албанец, Николовски вели дека нема потреба за такво нешто кога има јасен победник на изборите со повеќе опции за составување на новата влада.

Според него, не е опција ниту компромис за премиер на ротација, бидејќи, како што вели, „време е за стабилна влада“.

„Ова не е време ниту за нови предвремени избори, ниту за технички влади, ниту за ротации. Ова е време за стабилна влада која ќе одработи цел мандат за доброто на граѓаните, влада фокусирана на економијата, правдата и преговорите со ЕУ. Ќе зборуваме со сите политички чинители кои прифаќаат да се приклучат на патот кој води напред, односно европскиот пат, патот на правдата и економијата пред се. Мораме да ги обезбедиме тие работи за нашите граѓани“, посочи тој.

Коментирајќи ги изјавите на функционерите од ДУИ дека тие ќе одлучат со кого ќе формираат влада, Николовски вели дека тоа е непотребна ароганција која низ годините стотици пати се покажала како штетна по националните интереси.

„Парламентарниот систем во Република Северна Македонија е јасен. Мандатот за формирање влада го добива партијата којашто ќе освои најмногу пратеници. Првопласираната партија добива мандат да составува влада, а не третопласираната партија. ДУИ има 15 пратеници и ние тоа го почитуваме, но од такви изјави немаше потреба. Сепак, веќе гледам дека колегите од ДУИ ретерираат од првичните коментари“, рече тој.

Според него, од ДУИ решиле да играат на „неостварливо популистичко решение“ со кое привлекоа повеќе гласови и во албанскиот блок освоија најмногу гласови.

„Сепак, дали ваквите трикови ќе им се исплатат долгорочно, е друго прашање“, вели тој.

Прашан како го коментира влезот на Левица во парламентот и дали очекува опструкции во неговата работа, Николовски вели дека секој што ја загрозува иднината на земјата и членството во НАТО и преговорите со ЕУ нема светла иднина во политичкиот живот.

Во однос на приговорите до ДИК и забелешките од другите партии за изборниот процес, тој посочи дека изборите биле најдемократски во изминативе две децении и дека се пример како треба да изгледаат избори во иднина.

„Ставот на партијата беше дека не би сакале да влегуваме во губење време кое како земја го немаме, за некој пратеник плус. Не поднесовме ниту еден приговор ниту во однос на изборниот ден ниту во однос на пребројувањето на гласовите и оттука нашиот став за изборниот процес е јасен“, посочува генералниот секретар на СДСМ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.