Никос Диму: Грција загуби во спорот за името

Грција загуби во спорот за името, а името Македонија го прифаќаат 95 отсто од државите во светот, порача Никос Диму, член на новата грчка политичка партија “Потами”, во рамките на гостувањето во емисија на телевизијата Скај.

Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, Диму, кој што е инаку реномиран грчки писател со повеќе од 60 објавени книги, изјави дека поддржува решение врз основа на сложено име со географска одредница, но сепак се согласува дека Македонија може да се нарекува како што сака, па и Македонија.

„Прашањето за името беше погрешно раководено од страна на грчките Влади од самиот почеток. Тоа е прашање за кое што веќе загубивме. 95 проценти од државите во светот го прифаќаат името Македонија, а ние продолжуваме да дискутираме за ова”, изјави Диму.

Тој истакна и дека ова се негови лични ставови, а не и на партијата која што како што рече  „се’ уште нема изградено став по ова прашање”.

„Да се дозволи Скопје да се именува како Македонија”, е насловот под кој дел од грчките весници и портали информираат за ставовите на Диму.

„Писателот Никос Диму не се двоумеше да декларира дека нема проблем со тоа ‘Скопје’ да се именува Македонија”, е коментарот во магазинот „Елисис Елинон“.

Диму е еден од ретките политичари во Грција кој што јавно се осмелува да произнесе став поинаков од утврдените грчки црвени линии, но не е и единствен. Слични позиции искажа и лидерот на Либералната алијанса и кандидат за градоначалник на Атина, Григори Валијанатос, кој што во интервју за Нетпрес порача дека времето работи во полза на Македонија, бидејќи бројот на држави што не признаваат под уставното име постојано расте.