Министерката за финансии Нина Ангеловска го спречува пристапот до информации на заменик министерката за финансии, Гордана Димитриевска Кочовска, која во Министерството стапува на функција денеска, како член на техничката влада. Со тоа, Ангеловска изгледа сака да крие информации од заменик министерката, што е кривично дело, и истовремено ги тера и вработените да постапуваат спротивно на Законот за Влада. Според овој Закон, заменик министерот за финансии е изгласан од Собранието и тој има врзан потпис со министерот, па оттаму прашањето е што сака да сокрие министерката Ангеловска и зошто, и дали можеби се плаши да не протече во јавноста некоја сомнителна информација од ова Министерство ?
Во дописот испратен денес утрото до вработените на Министерството за финансии, стои дека: Секоја комуникација и барања упатени до дополнителниот заменик-министер или член на неговиот кабинет кон поединечни вработени во одредени сектори, мора прво да бидат одобрени од раководител на сектор и/или државен советник, а раководителот на сектор/државниот советник треба да има претходно одобрување од кабинет на министер, пишува во дописот.
Со ова Ангеловска ги принудува вработените во Министерството, да не ги слушаат наредбите од заменик-министерка Димитриеска-Кочоска, без претходно министерката Ангеловска тоа да го одобри. Со други зборови, да ја саботираат работата на Димитриеска-Кочоска.
Ангеловска отишла дотаму што назначила и лице преку кое ќе се одвива комуникацијата со Димитриеска-Кочоска и нејзиниот кабинет.
Во согласност со Законот за Влада и со Пржинскиот договор, дополнителниот заменик-министер за финансии е изгласан од Собранието и тој има врзан потпис со министерот.
Индикативно е што дописот на Ангеловска доаѓа во време кога постојат сериозни сомневања за работата на Министерството за финансии, за распределба на буџетските средства за предизборни поткупи. Што и да сака да сокрие Ангеловска, заобиколувајќи ја Димитриеска-Кочоска, претставува кривично дело, а нејзиниот потпис го прави ништовен, затоа што од 3 јануари годинава, ниту еден документ потпишан од Ангеловска нема моќ, ако го нема потписот на нејзината заменичка.