Нина Групер во анкетниот лист пријавила 300.000 евра во банки

Државната комисија за спречување на корупција го објави Анкетниот лист на Нина Ангеловска, според кој, првата жена министер за финансии на Македонија има лични депозити во вредност од 300.000 евра, пренесе Фактор.

Ангеловска која во министерското столче дојде од приватниот сектор, во „Еуростандард“ има 200.000 евра денарски депозит од 2014 и 51,2 илјади евра девизен депозит во истата банка од 2017. Во УНИ банка има девизен депозит од 33,73 илјади евра од 2015. Има и други помали девизни и денарски сметки.

Ко-основачката на Grouper.mk од недвижнини пријавила деловен простор од само 16 метри квадратни, односно еден од 5 и другиот од 11. Двата заедно вредат 4 милиони денари. Триесетгодишната министерка пријавила акции од безмалку 1,6 милиони денари стекнати во 2012. Има еднотретински удел од 200.000 денари од 2011 и затворен удел во 2017 од безмалку 4 милиони денари.

Во 2019/2020 очекува приходи од дивиденда, камати и продажба на удели. Ангеловска единствено го има пријавено својот личен имот, а на листата не е објавен оној на нејзините блиски. Таа беше избрана за министерка за финансии на крајот од август, но до сега се уште не беше објавена нејзината имотна состојба.

Владата за сега не ги ажурира Анкетните листови на новоназначените функционери, а кај нето-платите се уште стои таа на претходникот на Ангеловска, Драган Тевдовски, од 70 илјади денари.