Ништо од „Викенд без ДДВ“, само пуста лага на Владата и на СДСМ

Проектот викенд без ДДВ, попрво ќе ги скара коалициските партнери СДСМ и ЛДП, отколку да биде реализиран. ЛДП на прес конференција вели дека проектот е нивен и покрај тоа што го најави екс техничкиот премиер Оливер Спасовски, како дел од третиот сет економски владини мерки за опоравување и стимулирање на економијата, но и после пет месеци нема реализација. Викенд без ДДВ требаше да се реалзира во август, а веќе скоро е октомври.

Поранешниот советник на премиерот, а сегашен вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи во месец мај вети дека овој проект ќе се реализира на крајот на август или почетокот на септември кога ќе се намали можноста за зголемување на заразата, а ќе значи поголем повраток на данокот.

-Ова е мерка што се предвидува да се реализира кон крајот на август или почетокот на септември, со очекувањето дека ефектите од коронавирусот и пандемијата ќе спласнат и ќе се создадат услови за непречено функционирање на општеството и во таа смисла не сметаме дека евентуалното групирање на луѓете ќе предизвика бран негативни ефекти. Секако дека ако во тој период има препораки за негрупирање, ќе се види кога е погодниот момент за тоа да се реализира. Нема да креираме мерка што ќе ги загрози животите на граѓаните – рече Битиќи.

Премиерот Зоран Заев во гостување на МРТ сервис најави дека граѓаните може да се надеваат на овој проект последниот викенд од месец септември, но по се изгледа дека и овој проект остана само на кажаното.

-Викендот ќе биде воведен проектот пред почетокот на школската година бидејќи тогаш знаеме дека родителите повеќе трошат за дечињата – изјави Заев во гостување на Националниот сервис.

Од друга страна пак, министерот за економија Крешник Бектеши, одговарајќи на новинарско прашање дали овој проект ќе трае само за викенд или во текот на цела недела рече дека се уште не е целосно дефинирано, како и дека одлуката ќе биде донесена согласно финансиските можности во Буџетот.

-Сигурно ќе биде околу почетокот на следниот месец, но треба да ги направиме потребните проекции околу тоа дали ќе биде цела недела или само викенд. Кога беа донесени мерките од третиот економски пакет, предложивме да дадеме можност во времетраење од една недела за сите граѓани да купуваат без ДДВ. Но, одлуката ќе ја донесеме наскоро согласно фискалните можности во Буџетот. Оваа мерка ќе им биде ставена на располагање на граѓаните и на компаниите, но секако позаинтересирани ќе бидат оние компании кои се занимаваат со трговија на големи и мало – вели Бектеши.

Проектот Викенд без ДДВ наиде на критики и реакции од страна на експертската јавност, која смета дека оваа мерка повеќе ќе им помогне на поимотните отколку на посиромашните граѓани и дека ова води кон зголемување на сива економија. Истото мислење го дели и универзитетскиот професор Бранимир Јовановиќ кој е поранешен советник на поранешниот министерот за финансии од СДСМ Драган Тевдовски, кој вели дека мерката ќе биде тешко применливи, бидејќи во иднина фирмите ќе се соочат со проблем од дополнително прилагодување на фискалните каси како и дека оваа мерка повеќе им годи на побогатите отколку на посиромашните.

-Мерката повеќе ќе им годи на побогатите отколку на посиромашните. Сиромашниот што може да купи- тој купува храна, облека, основни потреби што се евтини. Тука нема голем данок. А богатиот купува скапи производи, па тој викенд ќе си купуваат скапи телефони,телевизори и практично државата ќе ги ослободи од данок богатите наместо да им помогне на сиромашните. Мерката викенд без ДДВ ќе биде тешко применлива бидејќи во иднина фирмите ќе се соочат со проблем од дополнително прилагодување на фискалните каси што според него ќе чини и време и пари – рече Јовановиќ.