Нискиот водостој на Рајна предизвикува логистички проблеми

Нискиот водостој на Рајна, еден од клучните товарни сообраќајни правци во Германија, го оневозможува пловењето на целосно натоварените бродови, а можно е поради логистичките проблеми да дојде и до застој во снабдувањето и производството.

Плитката вода поради долготрајната суша и горештините предизвикуваат проблеми во пловидбата по целата должина на Рајна во Германија, која е еден од клучните правци кои го поврзуваат индустрискиот центар на земјата со пристаништата на Северното Море од кои потоа производите се извезуваа на светските пазари.

Речниот товарен транспорт и натаму се одвива, но со бродови кои во некои случаи се принудени да пловат и до три четвртини празни, предупредија во понеделникот брокерите за бродски транспорт и трговците. Прогнозата и за оваа седмица зборува за топло и сува време, што значи дека нема да има олеснувања за транспортерите и нивните корисници.

Нискиот водостој на Рајна, исто така, влијае и врз производството на двете големи германски термоцентрали на јаглен во текот на следните месеци. Рајна е важна трговска рута којашто вклучува житарки, хемикалии, минерали, јаглен и нафтени производи, вклучително и мазут.

Покрај тоа, и хемискиот гигант BASF уште во петокот предупреди дека не може да ги исклучи ограничувањата на производството, доколку ниското ниво на водата во реката ја наруши логистиката.

Трошоците за транспортот и во понеделникот се задржаа на високите нивоа. Моменталните цени за шлепување за превоз на течен товар од Ротердма во Карлсруе изнесуваат околу 94 евра по тона, што е значително повеќе во однос на 20 евра по тона во јуни, пред да падне водостојот.

Пристанишните управи не го укинуваат сообраќајот во време на низок водостој, туку решението им го препуштаат на операторите на пловилата кога ќе ја запрат пловидбата.

Германските компании последен пат се соочија со застои во снабдувањето и проблеми во производството во 2018 година, откако сушата и топлотниот бран доведоа до невообичаено ниски нивоа на водостојот на Рајна.