Ниските даноци – поттик за бизнисот

даноци

На домашните компании им остануваат стотици милиони евра за инвестирање во развој на бизнисот. Добрата даночна политика и спроведените реформи од страна на владата на ВМРО-ДПМНЕ за намалување на бирократските процедури придонесоа да се создаде одлична бизнис – клима. Тоа го потврдуваат и извештаите на реномираните финансиски институции.

Светска банка во својот последен „Дуинг бизнис“ извештај за 2017 година ја смести Македонија во најдобрите 10 во светот и првите 5 во Европа според условите за водење бизнис.

„Се спроведоа над 30 системски реформи со кои им се олесни работата на сите оние кои водат некоја компанија, драстично се намалија административните процедури и времето за спроведување одредени постапки“ – вели вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.

Компаниите одлучуваат за своите пари

Уште едно признание стигна од фондацијата „Херитиџ“. Македонија во рангирањето за економски слободи е на 31. место од 186 држави. Даночната политика беше посочена како еден од главните „виновници“ за добрите резултати на земјава.

„Во однос на даночната реформа имате фантастичен систем што ги одржува даночните стапки релативно ниски. Тоа на индивидуите им овозможува контрола над нивните ресурси, да ги инвестираат и да ги трошат како што ќе изберат. Тоа е клучен аспект на економската слобода“ – објаснува директорот на центрите за анализа, трговија и економија на фондацијата „Херитиџ“, Тери Милер.

Оттука и не треба да изненадуваат податоците на Министерството за финансии. Минатата година заврши со одлична наплата на даноците од 99 проценти.

„Владата постојано работи на подобрување на климата за водење бизнис. Во текот на изминативе години е упростен и намален бројот на процедури, постапките се значително поевтинети, намалено е даночното оптоварување. Македонија е меѓу земјите со најниски даноци во светот. Веруваме дека ниските даноци придонесуваат за раст на инвестициската активност и на претприемништвото“ – вели министерот за финансии Кирил Миноски.

Даночната политика – магнет за странските инвеститори

Политиката на рамни и ниски даноци придонесе за креирање атрактивна бизнис – клима во земјава. Домашните компании добија поттик за раст и за развој, а Македонија успеа да привлече и голем број странски инвеститори.

„Ние ја поддржуваме политиката на ниски даноци бидејќи овозможува компаниите да ја подобрат тековната ликвидност, да преземаат развојни и инвестициски активности, со што придонесуваат за зголемување на економскиот раст и за намалување на невработеноста во земјата“ – оценува извршниот директор на Сојузот на стопански комори, Митко Алексов.
За даночната политика на Македонија во изминатиов период се заинтересира и магазинот „Форбс“. Направи интервју со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

„Ниските даноци се клучен фактор во нашиот план. Тие ги поттикнуваат инвестициските компании да ни го обрнат потребното внимание кога размислуваат каде да се прошират. Воедно, ги намалуваме и даноците на додадена вредност во некои сектори од 18 на 5 проценти. Ова е само мал дел од мерките кои ги преземавме со цел да ја одржиме економијата во услови на политичка криза. Ниските даночни стапки се двигателот на инвестицискиот интерес во Македонија“ – наведе Груевски.

Резултатот е евидентен – во изминативе 10 години во земјава влегоа странски инвестиции во износ од 2,6 милијарди евра. Ова придонесе да се креираат нови работни места, значително да се намали стапката на невработеност на досега најниските 23,4 проценти, да се зголеми и да се диверзификува извозот.

Странските инвеститори во слободните економски зони се ослободени од плаќање персонален и данок на добивка во времетраење од 10 години. Се ослободува од оданочување и реинвестираната добивка.

Политичката криза – кочница за повеќе инвестиции

Политичката криза е кочница за економскиот раст на Македонија и влијае негативно врз процесот за привлекување странски инвестиции.

„Политичката криза ни покажа дека може да изврши брз и негативен удар врз економијата. Првенствено, каналот се случува преку воздржаноста на инвеститорите, и на странските кои имале намера да дојдат во Македонија и на домашните претпријатија кои планирале да носат позначајни инвестициски одлуки“ – објасни универзитетскиот професор Марјан Петрески.

Според рејтинг агенцијата „Стандард и Пурс“, македонската економија има потенцијал за развој под влијание на инвестициските приливи, но е потребно да се стабилизираат политичките текови.

„Политичката стабилност е предуслов за економската стабилност, за овозможување економски раст, кој во време на политичка криза беше тешко да се постигне, бидејќи компаниите ги замрзнаа вработувањата и планираните инвестиции“ – објасни претседателката на ССК, Данела Арсовска.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.