Ниско ниво на парламентарна дебата во последните две години

Релативно ниско ниво на квалитетот на дебатата во Собранието во последните две години регистрира Институт за демократија, кој од јуни 2014 година го следи квалитетот на дебатата во парламентот и работата на Собранието генерално.

Во периодот јануари – јуни 2021, набљудувањето се фокусираше на дискусиите кои се однесуваат на точки од собранискиот дневен ред кои спаѓаат во областите на владеење на право, човековите права и демократија.

Извештајот за овој период покажува релативно ниско ниво на квалитетот на дебатата во Собранието во последните 2 години и го потврдува заклучокот дека постои простор за значително подобрување. На скала од 1-најнизок до 10-највисок, средната оценка на квалитетот на дебатата во Собранието во првото полугодие на 2021 е 5.6, што споредено со претходниот период на набљудување, бележи благо подобрување во нивото на аргументација (август – декември 2020, 5.5).

Поактивни со вклучување во дискусиите биле пратениците од опозицијата, кои учествувале во 63% од набљудуваните дискусии, додека пратениците од власта учествувале во 37%. Најчесто за збор се јавувале и најдолго на пратеничката говорница се задржувале пратениците Панчо Минов и Гордана Сиљановска Давкова.

Во овој период на известување, во набљудуваните дискусии не беше забележана промена на став кај пратениците, ниту поради подобри аргументи кај соговорниците, ниту поради други причини.

Извештајот го потврдува и константно нискиот осврт на пратениците кон правата на маргинализираните групи, низ сите периоди на набљудување. Забележано е дека пратениците во околу 89% од нивната дискусија не се осврнуваат кон правата на маргинализираните групи, доколку специфично не се дискутира за одреден закон или тема на дневен ред поврзано за нивните права.

Културата на дебатирање на пратениците во нашето Собрание, поткрепена со јасни и цврсти аргументи со кои директно се поддржува застапуваниот став, е на релативно ниско ниво. Затоа во овој Извештај се вклучени и неколку препораки, но и достапни алатки кои им стојат на располагање на пратениците за постигнување на повисоко ниво на квалитет на дебата.