Ништо од консензуалниот кандидат на ДУИ и СДСМ !?

Иако долго најавуваа заеднички кандидат за претседател кој ќе ги исполнува условите да се нарече консензуален се чини СДСМ и ДУИ тргнаа секој по свој пат кон изборите напролет.

Откако предлозите на Али Ахмети за консензуален претседател не наидоа на одобрување кај социјалдемократите Централното претседателство на ДУИ реши да настапат со свој кандидат.

Бујар Османи вели партијата едногласно ја донела оваа одлука, а лидерот Ахмети добил поддршка од сопартијците да влезе во консултации со другите лидери од албанскиот блок за поддршка.

„Претседателство го овласти претседателот на партијата да може да разговара и со другите албански политички партии за евентуален концепт на заедничко излегување на овие избори или пак со другите политички партии на другите етнички заедници заради концептот консензуален кандидат, но доколку се создадат такви предуслови“, вели Османи.

Социјалдемократите велат ја продолжуваат постапката за избор на кандидат за претседателските избори која што треба да финишира Конвенција на трети март. Од владејачката партија велат откако ќе го изберат кандидатот ќе влезат во разговори со другите партии за неговата консензуалност.

Според членовите на раководството на СДСМ одлуката на ДУИ околу претседателскиот кандидат ги зголемува шансите за предвремени парламентарни избори за што партијата најави одлука до крајот на оваа недела.

Инаку, разидувањето околу консензуалниот кандидат е само еден од низата „несогласувања“ меѓу владините коалициони партнери. Недоразбирањата почнаа со испраќањето на Законот за јазици до Венецијанската комисија и неговата примена, се разгореа по објавата на аферата со ПИОМ од страна на министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.