Ниту денешните сомнителни случаи во Косово не се заразени со коронавирус

18

Резултатите од анализите на тројцата пациенти кои денеска беа хоспитализирани во Клиничкиот и универзитетски центар на Косово (ЌКУК) под сомнение дека се заразени со коронавирусот покажаа дека тие не е носител на смртоносниот вирус, јави дописникот на МИА од Приштина.

Националниот институт за јавно здравство вечерва информира дека во текот на денешниот ден добил информација од инфентивната клиника на ЌКУК за три случаи за кои имало сомневања дека се можни носители на вирусот Ковид-19, но оти анализите биле негативни.

Во државната болница во Приштина биле примени три лица кои допатувале од Италија – еден 69-годишен маж кој не е државјанин на Косово и двајца косовски државјани, на возраст од 25 и 23 години.

Како и во неколкуте други случаи во минатите денови, анализите и на овие пациенти покажале дека не се заразени со смртоносниот вирус, што значи дека во Косово се уште нема регистрирано случај на носител на коронавирусот.

Во рамки на Министерството за здравство на крајот на минатата недела е формиран Комитет за следење на заразните болести, кој усвои План за готовност и реагирање при евентуална појава на коронавирусот.

Планот, како што беше соопштено, ги содржи активностите кои се преземени во случај да се јави потреба од справување со вирусот, а со него се опфатени речиси сите јавни здравствени установи, организациите и владините агенции, како и Безбедносните сили (ФСК), Полицијата на Косово и царинските служби. Меѓу другото, од вчера лекарски тимови се распоредени на приштинскиот меѓународен аеродром „Адем Јашари“ и на граничниот премин Мердаре меѓу Косово и Србија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.