Ниту една фирма на Јордан Камчев не го финансирала ВМРО ДПМНЕ

Бизнисменот Јордан Камчев остро ги демантира тврдењата на портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, дека финансирал политичка кампања на ВМРО ДПМНЕ.

Во прилог целосно го објавуваме демантот на Камчев.

„Најостро и со целосна одговорност ги демантираме тврдењата кои денеска ги произнесе во јавноста Костадин Костадинов, портпарол и пратеник на СДСМ, дека Јордан Камчев, односно, било која од фирмите на Јордан Камчев била вклучена во финансирање на изборна кампања на ВМРО ДПМНЕ. Овие тврдења, кои се на ниво на шпекулации произлегуваат единствено од меѓупартиското нетрпение и се резултат единствено на  меѓупартиско препукување. Недозволливо е со цел освојување на ситни партиски поени да се задава ваков удар на приватните компании кои како значајна гранка од економијата на оваа држава успешно работат и без никакви државни тендери или државна помош вработуваат огромен број на луѓе и придонесуваат за нејзиниот развој. Во случајов, ја информираме јавноста дека станува збор за компанија која моментално вработува 2670 луѓе и само во периодот од 01.01.2019 – 30.06.2019 година во буџетот на РСМ, по основ на различни даноци и придонеси исплатила 14 милиони евра, додека, во истиот период, по основ на плати за вработени исплатила бруто вредност од 17 милиони евра од кои 5 милиони евра за придонеси.

Спротивно на она  кое моментално се случува, сметаме дека државата и партиите се оние кои треба да го поддржат и помогнат работењето на ваквите компании кои нудат вакви вредности за сите, а не да го рушат нивниот углед и да фрлаат црна сенка на нивното работење“, се вели во демантот.