Ниту една од владините кризни мерки не ги опфати земјоделците, обвинува опозицијата

Земјоделците повторно се заборавени од власта предводена од Ковачевски и министерот Николовски. Без никаква помош оставени сами на себе да се снаоѓаат во оваа економска и енергетска криза, велат од ВМРО-ДПМНЕ во утринското соопштение.

-Ниту една од таканаречените кризни мерки на владата не ги опфати земјоделците. Изминатите неколку месеци тие се соочуваат со драстични покачувања во цената на репроматријалите, вештачките ѓубрива, како и со зголемената цена на нафтата.

Доколку власта не им излезе во пресрет земјоделците, смета опозицијата, ќе се соочат со големи потешкотии при својата работа и производство. Исто така, ќе се соочат и со отежнат пласман на своите продукти, поради состојбата во Украина.

-Затоа ВМРО-ДПМНЕ дава целосна поддршка во барањата на македонските земјоделски здруженија. Власта мора да им помогне на земјоделците за да ја преживеат оваа криза. Потребно е 100% ослободување од акциза и ДДВ за зелената нафта за земјоделците за сите земјоделски гранки. Итно зголемување на субвенциите за сите земјоделски гранки и нивна исплата пред секоја производна сезона.

Власта да го укине ДДВ за сите вештачки ѓубрива и хемиски препарати, како и да воведе субвенционирање на вештачки ѓубрива кои се користат во земјоделското производство. Веднаш да се ослободат земјоделците од надомест за концесија за цела 2022 година корисниците на државно земјиште, ослободување од пашарина, наводнување и одводнување.

Владата да ги субвенционира придонесите на регистрираните земјоделци и под итно да се изнајдат пазари за пласман на земјоделските производи што се произведуваат на македонските ниви.