Ниту имало намера ниту бил спречен изборот на Талат Џафери на 27 април

Сведочењата на Никола Тодоров, Весел Мемеди, Зоран Заев и Оливер Спасовски дефинитивно ја „закопаа“ позицијата на обвинителството дека на 27-ми април имало „усогласени и координирани дејствија чија цел била да се спречи изборот на Претседател на Собранието на Република Македонија“, како што тврди обвинителката Вилма Рускоска во случајот против 33 луѓе на кои им се заканува доживотен затвор.

Според Тодоров, никој од пратеничката група на ВМРО ниту очекувал ниту знаел дека парламентарното мнозинство ќе бира претседател на 27-ми април, туку дека и тој ден како и претходните 30-тина од почетокот на конститутивната седница ќе мине вообичаенo, со што се негира моментот на „организиран план и координирани дејствија“ за какви обвинителството тврди дека биле дејствијата преземени од обвинетите за тероризам на 27-ми април.

На неговото сведочење се надоврза и пратеникот Весел Мемеди од Алијанса на Албанците и еден од луѓето кои беа клучни за мнозинството од 61 пратеник кој гласаше за Џафери. Тој сведочеше дека на 27-ми април му било досадно цел ден, бидејќи бил ден како и секој претходен, а му било досадно бидејќи ВМРО-ДПМНЕ ги одолговлекуваше седниците со бесконечни процедурални реплики кои меѓусебно си ги упатуваа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

Мемеди исто така потврди дека дури ни тој не знаел за никаков план дека мнозинството во кое е и тој, ќе бира претседател на Собрание токму тој ден. Дури откако завршила пленарната седница во 18 часот дознал дека дента ќе го бираат Џафери.

За потсетување, СДСМ во тој момент имаше 49 пратеници во парламентот, ДУИ 9 (без Ахмети, кој не бил тука поради процена на раководството на ДУИ дека е небезбедно да е таму) и три на Алијансата на Албанците (еден од нив е Весел Мемеди). Со ова само се потврдува тезата дека не можело да има усогласени и координирани дејствија, односно претходен план за спречување на изборот на Џафери како што тврди обвинителката Вилма Рускоска, бидејќи дури ни пратениците кои го бираа Џафери не знаеле дека токму тој ден ќе се случи изборот.

Минситерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ги потврди претходните сведочења, дополнително задавајќи удар на пренапумпаната квалификација на Рускоска, образложувајќи дека изборот на Талат Џафери на 27-ми април беше завршен пред да почнат немилите настани. Спасовски раскажа дека по крајот на седницата мнозинството избрало претседател и се упатиле во прес салата за да се соопшти тоа. Ова е важно затоа што според Рускоска, терористичкото загрозување постои само затоа што таа претпоставува дека целта била да се спречи изборот на Џафери – а ако изборот бил завршен, целта не можела да биде негово спречување.

Ова е потврдено и во извадокот од Службен Весник во кој е објавен изборот на Џафери и на кој јасно стои дека на 27-ми април претседателот бил избран од страна на мнозинството.

Сумирано, со сведочењата во петокот во маратонската сесија на судот која траеше до 21:30 часот, две работи станаа јасни: ниту била целта да се спречи изборот на Џафери, ниту пак постоела можност обвинетите да знаеле дека дента ќе биде Џафери избран, бидејќи тоа не го знаеле дури ни пратениците кои гласале за него туку им било соопштено од нивните лидери по 18 часот. Односно, кулата од лаги запишана во обвинителниот акт започна да се распаѓа дел по дел.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.