Њу Делхи казнет за загадување на воздухот со 3,5 милиони долари

98

Индиската агенција за животна средина му изрече казна од 3,5 милиони долари на градот Њу Делхи поради тоа што не ги спроведува прописите за намалување на загадувањето на воздухот, објавија официјалните претставници денеска.

Главниот град на Индија е меѓу најголемите градови во светот со најголема концентрација на смог. Националниот зелен трибунал ја казни градската управа бидејќи не ги спровела предвидените мерки против индустриските постројки кои сè уште горат опасен отпад на отворено.

Трибуналот е национално тело кое има задача да донесе пресуди за прашања од животната средина. Во претходниот период, ова тело ги сослуша жалбите од жителите на Њу Делхи во врска со согорувањето на отпадот во поединечни фабрики.

Секоја зима, главниот град е покриен со густа магла со концентрација на штетни честички што ја надминува границата повеќе од 30 пати. Се проценува дека секоја година 1,1 милион Индијци прерано умираат поради загадувањето на воздухот.

Веб-страницата на Американската амбасада објави дека денес концентрацијата на честичките во воздухот е 290 – речиси 12 пати поголема од границата што е обележана од Светската здравствена организација како безбедна.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.