НЛБ лани со 204 милиони евра добивка

Нова Љубљанска банка (NLB – НЛБ) минатата 2018 година според неревидираните податоци остварила 203,6 милиони евра чиста добивка, објави на порталот на Љубљанската берза оваа најголема словенечка банкарска групација.

НЛБ минатата година продолжила со трендот на успешно и стабилно работење за што важен придонес дале банките во групацијата од подрачјето на поранешна Југославија, наведува банката во соопштението за јавноста.

Минатогодишната добивка на НЛБ е помала отколку претходната 2017 година, која изнесувале 225 милиони евра.

Нето приходите на НЛБ пораснале во однос на 2017 година, пак, за еден отсто и изнесувала 493,3 милиони евра, од што 312,9 милиони ги сочинувале приходите од каматите, а 180,4 милиони други приходи. Трошоците во 2018-та изнесувале 288,7 милиони евра.

Сопственичката структура на НЛБ лани беше променета по приватизацијаата објавена во согласност со обврските кон Европската комисија. Државата својот некогаш 100-процентен сопственички удел го сведе на 35 отсто, со обврска оваа година да го намали на 25 отсто плус една акција.

Покрај државата, најголеми поединечни сопственици на НЛБ во моментов е американската финансиска компанија „Brandes Investment Partners“ со 6,71-процентен удел, како и Европската банка за обнова и развој која лани купи 6,25 отсто од акциите на НЛБ.