На покана на норвешката Влада делегација на талибанците следната недела ќе отпатува во Осло, на разговари со претставници на норвешките власти и неколку сојузнички земји, но и со активисти на граѓанското општество и организации за човекови права заради хуманитарната катастрофа во Авганистан, соопшти денеска норвешкото Министерство за надворешни работи.
Во соопштението се наведува дека претставници на талибанците се поканети во Осло од 23 до 25 јануари, но не е прецизирано кои земји ќе присуствуваат на состанокот.
Норвешката министерка за надворешни работи, Аникен Хуитфелд, изјави дека е многу загрижена за сериозната ситуација во Авганистан, каде што милиони луѓе се погодени од хуманитарната катастрофа.
Таа нагласи дека средбата „не е легитимација или признавање на талибанците“, но дека мора да се разговара со оние кои ја водат земјата.
-Не можеме да дозволиме политичката ситуација да доведе до уште полоша хуманитарна катастрофа, рече таа.
Министерството за надворешни работи соопшти дека делегацијата на талибанците ќе вклучува Авганистанци од „различни области, вклучувајќи жени лидери, новинарки и луѓе кои, меѓу другото, се занимаваат со човекови права и хуманитарни, економски, социјални и политички прашања“.
Претходно неделава норвешка делегација го посети Кабул за да разговара за хуманитарната ситуација во земјата, се додава во соопштението на норвешкото МНР.