Норвешка славеше во дербито со Германија, Данска последен четвртфиналист

Репрезентацијата на Данска е последниот патник во четвртфиналето, откако во последниот натпревар од третото коло од групната фаза го совлада Египет со пет гола разлика, 30:25 (17:12). Со победата над Египет, актуелниот светски првак заврши како првопласирана селекција во четвртата група.

Во дербито од третата група, селекцијата на Норвешка славеше против Германија со 28:26 (18:16). Во сите 60 минути имаше голема неизвесност, иако норвешката репрезентација во првиот дел беше подобриот противник на теренот, сепак, вторите 30 минути минаа во голема борба за секоја топка и само нијанси одлучуваа каков ќе биде исходот од дербито.

Двете репрезентации наизменично се менуваа во водство во последниот период, а селекцијата на Норвешка успеа во финишот да го сврти резултатот во своја корист и да се израдува на победа, со која го освојува првото место во третата група.

Со одигрувањето на последните натпревари од главната рунда на Мундијалот во Полска и Шведска, познати се четвртфиналните двојки од ракометното светско првенство.

Египет по поразот од Данска меѓу најдобрите осум ќе се сретне со Шведска. Данска ќе игра со Унгарија.

Франција ќе се сретне со Германија, додека Норвешка ќе игра Шпанија.

Сите четвртфинални натпревари се играат в среда на 25 јануари.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.