Норвешкото чудо со хет-трик дебитираше за дортмундска Борусија

Деветнаесетгодишниот норвешки напаѓач Ерлинг Хааланд (Холанд) имаше деби од сништата за својот нов клуб Борусија Дортмунд кој во саботата со голем пресврт победи со 5:3 на гостувањето кај Аугсбург во 18-то коло на германското фудбалско првенство.

Во првото коло по зимската пауза, Борусија Дортмунд против домашниот Аугсбург до 55 минута имаше заостанување од 1:3, а потоа во игра влезе Ерлинг Хааланд, кој во есенскиот дел играше за Салзбург и веднаш ги демонстрираше своите голгетерски способности. Аугсбург водеше со головите Флоријан Нидерглехнер во 34 и 55 и Марко Рихтер во 46 минута, а за Борусија стрелци беа Јулијан Бранд во 49 и Џејдон Санчез во 61 минута, а Хааланд за дваест минути, во 59, 70 и 79 минута, ја донесе големата победа.

Борусија Дортмунд сега има 33 бодови и моментално е на четвртото место, исто колку и третиот Баерн Минхен кој има меч помалку, два помалку од второпласираната Борусија Менхенгладбах која во петокот загуби со 0:2 кај Шалке кој исто така има 33 бнодови на петтата позиција. Аугсбург, пак, е моментално 10-ти со 23 бодови.

Водечкиот РБ Лајпциг во последниот дуел од саботната програма во првиот дел си поигра со своите навивачи откако по првото полувреме беше во негатива против Унион Берлин за кој ушет во 10 минута погоди Мариуш Билтер. Но во вториот дел Томо Вернер со погодоците во 51 и 83 и Марсел Заблицер во 57 минута ги ставија работите на своето место.

РБ Лајпциг и натаму е на чело на Бундеслигата со 40 бодови, сега пет повеќе од второпласираната Борусија М, а седум повеќе од третиот Баерн Минхен кој во недела гостува кај Херта. Унион Берлин е 12-ти со 20 бодови.

Келн на домашен терен до 3:1 го совлада Волфсбург. Двоен стрелц за домашните беше Џон Кордоба, во 22 и втората минута од судиското продолжение на првото полувреме, а еднаш погоди и Јонас Хектор во 62 минута, а почесниот погодок за гостите го постигна Ренато Штефен во 66 минута.

Келн моментално се искачи на 13-то место со 20 бодови, а Волфсбург остана деветти со 24 бодови.

Хофенхајм дома загуби од франкфуртски Ејнтрахт со 1:2. Гостите поведоа во 18 минута преку Бас Дост, израмни во 48 минута Костас Стафилидис, а во 62 минута победа наѕа на Ајнтрахт му ја донесе Тимори Чандлер.

И покрај поразот, Хофенхјам остана осми на табалета со 24 бодови, а Ајнтрахт сега е моментално 12-ти со 21 бод.

Со истиот резултат 2:1 гостинска победа забележа и Фрајбург кај Мајнц.  Гостите дојдоа до уверлива предност преку Квон Чанг-хун во 28 и Нилс Петерсен во 41 минута, а почесниот погодок за домашните во 82 минута го постигна Жан-Филип Матета.

Фрајбург моментално со 29 бодови е на шестото место, кое води во квалификациите за Лига Еропа, а Мајнц е 15-ти со 18 бодови, само еден бод над позицијата која носи разигрување за опстанок.

Во дербито на дното Вердер со автоголот на Флориан Каштенмаер во 66 минута ја победи домашната Фортуна. Вердер со победата има 17 бодови и на 16-ти место ја смени Фортуна која остана со 15 бодови.

Во петокот Шалке со 2:0 ја победи Борусија Менхенгладбах. Во недела се среќаваат Херта- Баерн Минхен и Падерборн – Баер Леверкузен.