Норвешка е вториот финалист на ракометниот мундијал

Во финалето на годинешново Светско првенство за ракометари ќе се сретнат Данска и Норвешка, откако во петокот ги совладаа во полуфиналните дуели фаворизираните Франција односно Германија. Данците во првото полуфинале во Хамбург ги декласираа со 38:30 (21:15) Французите кои ја бранеа титулата, а во второто полуфинале Норвешка ја надигра домашната Германија со 31:25 (14:12).

Норвежаните до второто последователно финале на ракометните мундијали дојдоа со одлична реализација во нападот од надворешните линии кои беа пребрзи за германската одбрана. Откако ја преземаа контролата над резултатот кон средината на првото полувреме, во 20 минута првпат успеаја да поведат со два гола разлика (9:7), Норвежаните не им дозволија на Германците да направат пресврт.

Одличните Сагосен и Мирхол во 37 минута ја одведоа Норвешка на плус 4 (19:15), а потоа германските ракометари не успеаја да се приближат на помалку од два гола разлика. Виеде на малку повеќе од три минути до крајот од противнапад намали за 27:25, но последните четири голови на мечот ги постигнаа норвешките ракометари за конечните 31:25.

Магнус Род со седум голови беше најефикасен кај Норвешка, а со по шест погодоци го следеа Сандер Сагосен и Бјарте Мирхол. Уве Геншејмер со седум и Фабиан Бом со шест голови ја предводеа Германија.

Данска во недела во 17,30 часот на својот терен во Хернинг ќе игра за златниот медал против Норвешка. Франција, пак, во истата сала од 14,30 часот за третото место ќе се бори со Германија. Во сабота, пак, во Данска ќе се играат и дуелите за конечниот поредок, од 17,30 часот Египет и Шпанија ќе играат за седмото место, а Хрватска и Шведска во 20,30 часто ќе го започнат дуелот за петтото место.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.