НБРМ: Носителите на растот се депозитите на корпоративниот сектор

Носители на растот во банкарскиот сектор, во третиот квартал од минатата година, беа депозитите на корпоративниот сектор, се наведува во Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во Македонија во третиот квартал од минатата година на Народната банка на Македонија.

Заживувањето на реалниот сектор во текот на минатата година имаше позитивно влијание врз растот на активата, а особено врз растот на депозитното јадро на банките. За разлика од претходните квартали кога растот на депозитите во најголема мера произлезе од растот на депозитите на населението, во третиот квартал од годината носители на растот беа депозитите на корпоративниот сектор. Сепак, поради ризиците коишто доаѓаат од корпоративниот сектор, како и стратегијата на воздржаност од кредитирање којашто ја применуваат некои од банкарските групации присутни на македонскиот пазар, растот на депозитниот потенцијал не се преточи и во соодветен кредитен раст. Растот на кредитирањето и во овој квартал е целосно условен од растот на кредитирањето на населението, додека кредитите на корпоративниот сектор бележат намалување.

Треба да се очекува дека натамошното економско закрепнување, пред сѐ на домашната економија, ќе придонесе за подобрени согледувања на банките за ризиците, што ќе услови постепено јакнење на кредитната активност на банките во земјата. Во таа насока се и мерките на монетарната политика преземени во претходниот период, коишто беа насочени кон поттикнување на кредитната активност, кон создавање услови за поактивно управување со ликвидноста од страна на банките, како и кон развој на пазарите на пари и капитал.

Покрај овие мерки, во октомври минатата година, Народната банка презеде дополнителна мерка за поттикнување на долгорочната кредитна поддршка на реалниот сектор, преку одредено олеснување во прудентната регулатива за управување со ликвидносниот ризик.

Постепеното закрепнување на домашната економија имаше одредено значење и за подобрување на квалитетот на кредитното портфолио на банкарскиот систем во третиот квартал од 2013 година. Квартално, нефункционалните кредитите се намалија, што овозможи видно забавување на нивниот годишен раст. Одредени позитивни ефекти имаа
и напорите на банките за приспособување на условите за враќање на кредитите на некои од корпоративните клиенти преку реструктурирање на побарувањата во согласност со нивните тековни остварувања. Сепак, крајниот ефект од овие мерки врз квалитетот на кредитното портфолио е неизвесен поради можноста да не се оствари целта за која се
преземени (олеснување на кредитниот товар за клиентот да ги преброди моменталните финансиски проблеми), што би можело да значи раст на нефункционалните кредити.

Нефункционалните кредити се целосно покриени со вкупната исправка на вредноста, што значи дека и при нивна целосна ненаплатливост, солвентноста на банките нема да биде оштетена.

Банките се сѐ уште внимателни при својата кредитна активност, така што речиси половината од новите извори на средства ги насочија во ликвидни инструменти, што, пак од своја страна, придонесе за натамошен раст на ликвидната актива и за зајакнување на ликвидносната позиција на банкарскиот систем. Јакнењето на ликвидносната позиција на
домашните банки се потврдува и преку растот на покриеноста на краткорочните обврски и на депозитите на домаќинствата со ликвидната актива.

Солвентноста на банкарскиот систем едeн од основните столбови на неговата стабилност и сигурност. Стапката на адекватност на капиталот веќе подолг период е над 17%, што е далеку над законски пропишаниот минимум. Во третиот квартал, почнаа да се чувствуваат ефектите од новата регулатива за третманот на средствата преземени врз
основа на ненаплатени побарувања, што придонесе за дополнителен раст на сопствените средства на банките. Високиот капитален потенцијал на банкарскиот систем овозможува негова отпорност на шокови, што се потврдува и преку спроведените стрес-тестирања.

Растот на нето каматниот приход и падот на оперативните трошоци се причинителите за подобрувањето на профитабилноста и ефикасноста на банките. Добивката на банкарскиот систем остварена во првите девет месеци од 2013 година е речиси двојно поголема од таа остварена во истиот период од претходната година.

Во целина, банкарскиот систем е стабилен и отпорен на шокови. Очекувањата за натамошните движења се оптимистички и се поврзани пред сѐ со позитивните економски придвижувања и нивниот преносен ефект врз остварувањата на клиентите на банките од реалниот сектор.