Нов алгоритам за оздравени од Ковид-19: Ако 10 дена сте асимптоматски случај, на 11. ден сте здрави

Од вчера во функција стапи новиот алгоритам за оздравување на пациенти со Ковид-19.

Како што информираат од Министерството за здравство, овој алгоритам се однесува на пациентите на домашно лекување, но не ги опфаќа хоспитализираните пациенти.

Алгортитамот предвидува за прв ден на заболување се зема денот на првиот потврден позитивен тест.

„Во системот „МојТермин“ во функција е новиот алгоритам за оздравување на пациенти со Ковид-19. За разлика од досегашниот алгоритам, каде со истек од 14 дена беше потребно да се добијат два негативни последователни тестови во период од 24 до 48 часа, согласно светските истражувања, сега еден пациент, доколку е асимптоматски во период од 10 дена, ќе се смета за оздравен на 11-тиот ден“, соопштија од Министерството.

Од Министерството за здравство посочуваат дека доколку еден пациент имал симптоми во текот на болеста, тој ќе се смета за оздравен по истекот на минимум 20 дена, односно 21 ден само во случај ако последните три последователни дена немал симптоми на болеста.

Како што се потенцира во информацијата од Министерството, процесот на оздравување сега е во целост поврзан со дневните извештаи кои ги пополнуваат матичните лекари за своите позитивни пациенти и регистарот за позитивни Ковид пациенти.

„Во Националниот систем за електронски евиденции во здравството – МојТермин се проверува дали за секој нареден ден има пополнет дневен извештај од матичен лекар или негова замена. Доколку во 10 последнователни дена има дневни извештаи и истите се одговорени со не/нема: истоштеност, болки во зглобови и/или мијалгија, кашлица, искашлок, отежнато дишење, дијареа, а температурата на пациентот е помала од 37,5 тогаш добива статус – Предлог за оздравен“, посочуваат од Министерството.