Нов ангеограф во болницата „Осми септември“

Во Општата болница „8-ми Септември“ на одделот на интервентна кардиологија денес се инсталира новиот ангеограф, опрема вредна 35 милиони денари.

Министерот за здравство Никола Тодоров ја посети болницата заедно со директорот Проф. д-р Сашо Стојчев, кои информираа дека ангеографот ќе биде пуштен во употреба од 1-ви август оваа година.

-Она што е карактеристично за овој ангеограф е тоа што на него ќе се работат и кардиолошки и радиолошки процедури, во истата просторија на истиот ангиограф. Кардиолог ќе работи интервентни процедури, но и интервентна радиологија од страна на радиолог, подвлече министерот Тодоров.

Тој информира дека едукацијата на докторите е извршена во Дедиње, во Охрид и во Цирих, а во иднина тие и понатаму ќе со обучуваат се додека не се формира еден самостоен тим кој ќе може да ги извршува зафатите.

-Имаме одлична соработка со Институтот во Дедиње. Од таму планираме да имаме интервентен кардиолог кој што на почеток при воведување и отпочнувањето со работа ќе биде присутен во болницата. Тој ќе живее и ќе работи тука, а истиот начин како што ја развивме интервентната кардиологија во Штип, Струмица, додаде тој и подвлече дека и за радиологија се планирани странски доктори.

Со овој ангиограф и оние кои веќе беа инсталирани на Универзитетската клиника само во Скопје ќе има вкупно 4 ангиографи. Со тоа, како што посочи Тодоров,  Македонија е над европскиот стандард, ако ќе се земе во предвид  светскиот стандард на 200 000 жители да има еден инсталиран ангеограф.

Д-р Стојчев подвлече дека со ангиографот, болницата ќе има 24 часовна подготвеност за интервенција.

-Најбрзо што можевме, ангиографот се монтира за помалку од 30 дена, а според ветувањето ќе биде пуштен во употреба на 1 јули. Секако дека ќе има тестирања, мерења, а потоа веќе од 1 август ќе се отпочне со регуларна работа. Најпрво ќе се почне со интервентната радиологија, за кој имаме колега кој е обучен во Швајцарија, во една од најголемите болници кај потпретседателот на Здружението на интервентните радиолози на Европа, истакна тој.

Тој информираше дека тимот на интервентните кардиолози, со ново примените тројца  доктори , до крајот на годината ќе брои седум члена кои ќе бидат вклучени исклучиво во интервентната кардиологија.

-Со отворањето на модерната ангеографска сала кај нас ќе се отвори една нова ера во болницата, современ ендовакуларен третман на голем број болести, истакна Д-р Александар Ѓорѓевски, доктор по интервентна- радиологија, кој обуката ја завршил во Цирих.

Д-р Владимир Ристовски, специјалист по интерна медицина, а кој обуката ја завршил во Дедиње посочи дека покрај тоа што во болницата доаѓаат 1-2 акутни инфаркти секој ден, тука спаѓаат голем број на дијагностички процедури кои треба да се направат пред оперативен третман, на вродени маани срце или други интервенции.

фото: МИА