Нов ДУП за Кале: Помала катност и зеленило од 30.000 м2

Во Музејот на современа уметност завршија јавните презентации на двата предлог детални урбанистички плана за населбата Кале при што се предвидува помала катност на објектите и зачувано зеленило на површина од 30.000 м2.

Просторот околу скопското Кале и Музејот за современа уметност ќе биде парковско зеленило според новиот ДУП, а куќите околу калето и Музејот ќе се уриваат затоа што тоа подрачје е заштитено културно наследство.

Граѓаните кои таму живеат со децении уште од земјотресот, ќе бидат обесштетени, најавија претставниците на Општина Центар кои пред граѓаните го презентираа ДУП-от.

– Додека вие планирате на хартија зеленило, околу Калето се гради дивограба токму во овој момент на само неколку чекори од нас – им посочија на урабанистите од Општина Центар дел од жителите кои дојдоа на презентацијата на новиот ДУП за Кале и Срц Кале, во Музејот за современа уметност.

Како што соопштија од Општина Центар, Секторот за урбанизам при Општината, заедно со претставници од планерската куќа која ги изработуваше плановите, на жителите од населбата им ги презентираа измените и придобивките од новите планови.

„Од 20-ти јули до 16-ти септември, предлог-деталните урбанистички планови за Градска четврт-ЦС 01 Француски гробишта, Тетовска трошарина и Парк 2 и Градска четврт-ЦС 14 Кале и СРЦ Кале се изложени на јавна анкета во читалната „Славко Јаневски“ и до завршувањето на тој рок, граѓаните може да поднесуваат анкетни листови. Поради тоа што е период на летни одмори, јавните анкети траат 41 работен ден, наместо законскиот минимум од 10 работни дена“, наведуваат од Општина Центар.

Во моментов на територијата на градските четврти ЦС 01 и ЦС 14 има вкупно седум важечки детални урбанистички планови за поединечни блокови, донесени во 1993, 2002, 2004, 2009, 2010 и два во 2012 година. Некои од нив ги има само во хартиена форма, а територијата на Калето и Музејот на современата уметност досега воопшто не била третирана со детален урбанистички план. Со завршувањето на постапките за овие две градски четврти, како што се посочува, ќе се добијат два детални урбанистички плана, кои се дигитални и меѓусебно интегрирани.

Покрај останатите придобивки, на дел од спортско-рекреативниот комплекс „Кале“ во стариот план е предвидена изградба на хотелски комплекс со приземје + 6 ката + поткровје, од кој дел се наоаѓа на државно земјиште. Во новиот план, се потенцира, на хотелскиот комплекс му е намалена катноста на приземје + 3 ката, а државното земјиште се пренаменува во парковско зеленило на 3074 м2.

На местото, пак, каде што според стариот план беше предвидена изградба на објект за спорт и рекреација, во новиот план на целата градежна парцела има зеленило, на површина од 15980 м2. На местото каде е предвиден хотелски комплекс со приземје и два ката со развиена површина од 12597 м2, ќе се гради приземен објект со вкупна развиена површина од 5963.

Јавен паркинг и парковско зеленило на површина од 7860 м2 се предвидени за реализација во новиот план, на местото на катна гаража со осум нивоа и развиена површина од 58816 м2, а на местото каде претходно беше вцртан објект со категорија В4 – државни институции, ќе никне првата детска градинка во населбата „Кале“, на приземје и еден кат, со развиена површина од 565 м2, посочуваат од Општината.

Плановите ќе бидат изложени во читалната „Славко Јаневски“ до 16 септември, период во кој граѓаните ќе можат пополнетите анкетни листови да ги доставуваат до Општината, стои во соопштението.