Нов кикс на Борусија Д, дома спасуваше реми со последниот Падерборн

Во првиот меч од 12-то коло на германското фудбалско првенство, великанот на Бундеслигата – Борусија од Дортмунд пред своите навивачи во петокот вечерта во судиското продолжение се спаси од пораз од „фенерџијата“ Падерборн.

Нештата можеа да бидат и полоши за „Милионерите“, бидејќи гостите по првото полувреме имаа водство од 3:0. Стрелци за Падеборн беа Стрели Мамба во 5 и 37, и Герит Холтман во 43 минута. Борусија, сепак, успеа да се спаси во финишот од натпреварот, откако водството на гостите во 47 минута го намали Жадон Санчо а на гол заостанување дојде во 84 минута преку Аксел Витсел, и конечно во втората минута од судиското продолжение погоди Марко Ројс.

Борусија Дортмунд е петта на табелата со 20 бодови, пет помалку од водечката Борусија од Менхенгладбах, додека Падеборн и натаму е последен со само пет бодови, четири помалку од безбедната зона.

Во сабота се играат дуелите: Баер Леверкузен – Фрајбург, Вердер – Шалке, Унион Берлин – Борусија Менхенгладбах, Ајнтрахт – Волфсбург, Фортуна – Баерн Минхен, РБ Лајпциг – Келн. Во недела на распоредот се само два меча во кои се среќаваат Аугсбург – Херта и Хофенхајм – Мајнц.