Нов месечен, рекорден скок на инфлацијата во Британија од 9,1 отсто

Зголемените цени на храната ја поттикнаа инфлацијата во Велика Британија на нов 40-годишен рекорд во мај од 9,1 отсто на годишно ниво, покажаа денеска официјалните податоци. Поскапувањето на храната и на безалкохолните пијалоци, во споредба со падот од пред една година, најмногу придонело за растот на инфлацијата, објави Канцеларијата за национална статистика (ONS), пренесува Ројтерс.

Во споредба со април оваа година, потрошувачките цени во Британија во мај пораснале за 0,7 отсто, покажуваат податоците на ONS.

Министерот за финансии Риши Сунак во оваа прилика изјави дека британската влада прави се што е во нејзина моќ за да се справи со растечките цени.

„Ги користиме сите средства што ни стојат на располагање за да ја намалиме инфлацијата и да се бориме против растот на цените“, рече Сунак.

Тој додаде дека Обединетото Кралство „може да изгради посилна економија со независна монетарна политика, одговорна фискална политика која не придонесува за инфлаторни притисоци, како и зајакнување на долгорочната продуктивност и раст“.