Нов начин за утврдување на сериозноста на Covid-19

Јапонски научници тврдат дека успеале да разберат како да се користи анализата на урината за да се утврди дали заразата со новиот сој коронавирус ќе предизвика сериозна форма на болеста Covid-19, извести во вторникот јапонскиот јавен сервис NHK.

Научниот тим од јапонскиот Национален центар за меѓународни медицински истражувања ја проучувал поврзаноста меѓу концентрациите на маркерите за оштетување на бубрезите – протеините L-FABP кои се содржат во урината при мал внес на кислород, со промените на симптомите на пациентите со Covid-19, кај коишто болеста првично минала со блага форма.

Како резултат на тестирањето на 41 лице, научниците откриле дека од 13 пациенти со зголемена концентрација на протеинот на L-FABP во урината, осум се чувствувале полошо во текот на една седмица од болеста, а двајца од нив по одлука на лекарите биле ставени на вештачка вентилација на белите дробови.

Истовремено не било забележано влошување на симптомите кај други 28 лица со концентрација на L-FABP којашто не ја надминувала нормата.

Научниците притоа истакнуваат дека зголемувањето на концентрацијата на протеинот L-FABP, кој ги врзува хапаталните масни киселини, веќе укажува на акутно бубрежно оштетување, што самото посебе претставува ризик од компликации при зараза со коронавирусот.

Се смета дека нивото на L-FABP во урината кај здрави луѓе се движи во рамките на вредноста од 16 нанограми на милилитар.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.