Нов обид за договор за законот за ЈО, ќе се гласа ли до 11-ти февруари?

Преговарачките тимови на ВМРО ДПМНЕ и СДСМ повторно на маса во обид да се постигне договор за Законот за јавно обвинителство. Бојан Маричиќ од владејачката партија и Тимчо Муцунски од опозицијата ќе го разгледуваат последниот четврти предлог за текстот на законското решение кое стана неформален услов за датум за преговори за членство во Европската Унија.

Двете партии велат договор е можен, но засега остануваат на своите ставови за тоа како во иднина треба да се уреди јавнообвинителската област.

Од ВМРО ДПМНЕ велат подготвени се да разговараат бидејќи на земјата и е потребен нов закон кој што ќе биде согласно европските и меѓународни стандарди и ќе значи вистинска реформа на јавното обвинителство. Но, како што вели потпретседателот на партијата, Владо Мисајловски предлогот што го нуди власта не ги содржи овие карактеристики.

 

„ВМРО-ДПМНЕ цврсто стои дека е потребно европски закон, и навистина потребен е, но ајде да направиме европски закон, а не сега пред избори да купува повторно политички поени. Тоа е мое лично мислење, секако и сите тука во партијата истото го мислиме дека почнува Зоран Заев да почне нешто да соработува со тие што може да направи некоја штета ќе го направи, но ВМРО-ДПМНЕ ќе си остане на својата цврста страна дека ваков закон како што он предлага дека нема да биде донесен“, вели Мисајловски.

Претседателот на СДСМ, СДСМ вели е за компромис, но смета дека не може да се оди повеќе од она што би значело мешање на политиката во правосудството.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

„Ние сме подготвени да одиме се дотаму додека тоа е дозволено согласно нашиот правосуден систем и рамката што ја носи Европската Унија, а тоа значи политичарите да не бираат обвинители, тоа значи дека не смееме да дозволиме одредени критериуми заради желба на политички партии дали се од власта или од опозиција да ги надминат црвените линии дозволени со европската регулатива. Тие законски решенија се дел од пакетот судски реформи, но и се дел на она што значи адаптирање на Северна Македонија со европската легислатива во областа правосудство“, истакна Заев.

Заев веќе разговарал и со осумината пратеници од Независната пратеничка група на ВМРО ДПМНЕ со цел да обезбеди двотретинско мнозинство неопходно за изгласување на законот доколку не се постигне договор со ВМРО ДПМНЕ. Власта се надева дека законот ќе биде изгласан во Собранието пред 11-ти февруари односно пред распуштањето на пратеници во пресрет на предвремените парламетнарни избори договорени да се одржат на 12-ти април.