Нов пораз на „Оклахома“, Џејмс подобар од Јокиќ

Тимот на „Оклахома Тандерс“ е најголемо разочарување на стартот на НБА лигата бидејќи по четири натпревари се уште нема победа. Кошаркарите на „Оклахома“ ноќеска беа поразени на домашен терен од „Бостон Селтикс“ со 95:101. Најдобриот играч на домаќините, Расел Весбрук не е во форма што се гледа од резултатите на тимот, бидејќи постигна 13 поени со 15 скока. Најефикасен беше Пол Џорџ со 22 поени. Кај „Бостон“ најдобри беа Џејсон Тејтум со 24 поени, како и Маркус Морис со 21 поен и 10 скока.

„ЛА Лејкерс“ ја прекина победничката серија од 4:0 на „Денвер Нагетс“ и ја оствари својата втора победа благодарение на Леброн Џејмс. „Езерџиите“ пред својата публика во „Стејплс Центар“ ги искористија неколкуте грешки на гостите на крајот од натпреварот и со серија од 10:2 обезбедија победа од 121:114.

Џејмс постигна трипл-дабл од 28 поени, 11 асистенции и 11 скокови, Кајл Кузма имаше 22 поени, додека Џамал Мекги даде 21 поен со седум скока. Кај „Денвер“ најефикасен беше нивнио најдобар кошаркар, Србинот  Никола Јокиќ со 24 поени и 11 скокови.

Во останатите ноќешни натпревари „Детроит Пистонс“ беа подобри од „Кливленд Кавалирс“ со 110:103, а  „Орландо Меџик“ згуби од „Портланд“ со 114:128.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.