Нов предлог закон за амнестија – адвокати бараат поништување или преполовување на казните за „27 април“

Тројца адвокати решија да бараат целосно ослободување од казна или нејзино преполовување за осудените за настаните од 27 април 2017 година. Преку нов предлог-закон кој утре ќе го испратат во Собранието, Драган Пешевски, Јанаки Митровски и Тимовски се надеваат на поддршка од пратениците. Тие сметаат дека се случила голема неправда со петте различни квалификации на делата, но и потоа со законот за амнестија од 2018 година.

– Предлогот е да бидат ослободени сите, а на оние на кои им се изречени над 10 годишни казни затвор, да им биде намалена казната за половина, што значи повеќето ќе бидат ослободени. Ова е само предлог закон, тоа може да се доработи, да се дадат и други предлози, да бидат и целосно ослободени – вели адвокатот Пешевски.

За упадот во Собранието беа осудени 16-мина на затвор од седум до 18 години. Подоцна, со одлука на Апелациониот суд, сите добија намалување на казните од една до две години.

„Со предлог-законот за амнестија од 2018 година беше сторена голема неправда со сервирање на селективна правда преку амнестирање исклучиво на лица кои наводно сториле насилство, а всушност мотивирано од политичко-лукративни побуди. Ова ја доведе Република Македонија до состојба на неправда во која само оние кои имале можност да се испазарат не само што биле амнестирани туку и наградени додека т.н. обични смртници отслужуваат долгогодишна казна затвор“, се вели во дел од предлог-законот кој го предлагаат адвокатите Пешевски, Митровски и Тимовски.

Петнаесет од обвинетите беа амнестирани со Законот за амнестија. Обвинетите во судскиот процес за „27 април” во текот на постапката ја негираа својата вина.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.