Нов проект од 2,3 милиони евра за да им се помогне на општините да испорачуваат подобри услуги

Скопје се промовираше нов проект ‘Унапредување на општинското владеење‘ во присуство на Министерсот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, Министерот за финансии Драган Тевдовски, Амбасадорот на Европската унија Самуел Жбогар и Постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации, Луиза Винтон. Вкупната вредност на овој проект е 2.3 милиони евра, финансирани од Европската унија. Проектот ќе се спроведува од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за локална самоуправа, Министерството за финансии и општините во текот на наредните 30 месеци.

„Европската унија континуирано и помага на земјата во процесот на градење на подобра иднина за граѓаните. Овој проект ќе им помогне на локалните власти да испорачуваат јавни услуги со повисок квалитет за граѓаните, со што ќе се придонесе кон продобрување на животите на граѓаните”, изјави амбасадорот на ЕУ, Самуел Жбогар.

Со процесот на децентрализација, кој започна во 2001 година, многу одговорности од централната власт се префрлија на локалната власт. Меѓутоа, многу општини сè уште имаат проблем во обезбедување на соодветни услуги за своите жители. Овие недостатоци се особено видливи во малите, рурални и одалечени општини, на кои им е потребна помош во осмислувањето и во обезбедувањето на услуги што ќе бидат насочени кон потребите на специфични групи, особено жените, малцинствата и ранливите или маргинализирани групи, како што се лицата со попреченост.

Проектот се состои од три меѓусебно поврзани компоненти: 1) подобрување на следењето, осмислувањето и обезбедувањето на веќе децентрализираните услуги; 2) обезбедување помош на општините да преземат нови услуги согласно со инклузивните планови за развој; 3) развивање на капацитетите на општините да обезбедат доволно приходи за испорака на сите потребни јавни услуги.

Проектот, исто така, ќе обезбеди финансирање на најмногу 30 општини во висина до 25,000 евра секоја, со цел да помогне во утврдувањето на приоритетните потреби, а особено на потребите на ранливите групи, со цел да се обезбедат подобри животни стандарди за сите.

„Потребна е посистематска поддршка на системот на локалната самоуправа со лоцирање на слабостите во имплементацијата и предлагања на мерки врз основа на воспоставен систем за следење и сеопфатна анализа. Мониторирањето на функционалноста на локалната самоуправа е одговорност на Министерството за локална самоуправа со цел да им се помогне на општините да можат да одговорат на потребите на граѓаните на квалитетен, ефикасен и транспарентен начин”, рече министрот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу.

„Се надевам дека ова ќе биде исклучителна прилика за сите учесници да разменат мислења за актуелните теми од областа на фискалната децентрализација. Исто така верувам дека ќе го подобриме како финансиското работење на општините, така и нивната транспарентност. Во наредниот период ќе продолжи поддршката за спроведување на активностите.Секако во насока на подобрување на административниот и финансискиот капацитет на општините.Сето ова ќе резултира со ефикасна наплата на сопствените приходи и потранспарентно, поодговорно и поефективно испорачување на локални услуги на граѓаните”, изјави министерот за финансии Драган Тевдовски.

Децентрализацијата ги зајакнува демократските процеси со тоа што на луѓето им овозможува поголемо учество во одлуките кои секојдневно ги засегаат, како,на пример ,образование, здравство, култура и спор, посочи потојаниот претставник на УНДП, Луиза Винтон.

„Сметаме дека со овој проект имаме одлична нова можност да ги поддржиме нашите локални и национални партнери – со цел општините да имаат доволно средства, капацитети и законски овластувања во исполнувањето на обврските кон граѓаните кои произлегуваат од процесот на децентрализација”, рече Винтон,