Нов проект за зголемување на бројот на згрижувачки семејства

“Згрижувачките семејства се најхуманата, најсоодветната форма која е најблиска до биолошките семејства кои што нудат вистинска грижа и заштита на децата без родители и без родителска грижа и на децата со пречки во развојот. Во Македонија во моментов има 180 згрижувачки семејства кои што згрижуваат точно 288 деца без родителска грижа од кои 80 се деца со пречки во развојот, а сите останати се деца без родители и родителска грижа”.

Ова го истакна министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов во присуство на згрижувачките семејства кои денеска го посетија Аква паркот во Скопје, каде воедно и го најави отпочнувањето на проектот “На секое дете му е потребно семејство“.

Тој посочи дека целта на овој проект е преку најразлични активности на Центрите за социјална работа преку директна и непосредни контакти со граѓаните да се подигне свеста, но исто така и да се информираат за значењето и можностите кои што ги даваат на згрижувачките семејства.

Сите заинтересирани граѓани кои сакаат да се информираат за згрижувачките семејства ќе можат да го направат тоа на мејлот  zgrizuvanje@mtsp.gov.mk. Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите или на бесплатниот број 15505.

Спасов истакна дека во моментов има потреба од такви згрижувачки семејства и образложи дека овие семејства остваруваат паричен надоместок од страна на државата, месечно од 6.500 и 8.000 денари за трошоци за покривање на згрижувањето. Но и доколку не исполнуваат услов за старосна пензија, а биле згрижувачко семејство повеќе од 5 години имаат право, после навршување на 62 години да се стекнат  со постојан паричен надоместок од 8.000 денари до крајот на својот живот.

Дечињата уживаа во лудориите кои ги овозможува Аква паркот, а за забавата да биде уште поголема на настанот присуствуваше и се дружеше со дечињата и победникот на шоуто „Икс Фактор“, Даниел Кајмакоски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.