Нов протест на жителите кај Мајчин дом

Група граѓани повторно и во средата протестираше против изградба на осумкатница кај парцелата до Мајчин дом во скопската населба Аеродром, и покрај тоа што претходно градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, на прес-конференција соопшти дека изградбата ќе биде стопирана во следните 15 дена, но очигледно неговите соседи не му веруваат

Парцелата на која е предвидена изградба на осумкатница е обезбедувана од полиција и од приватно обезбедување на инвеститорот, а зад тарабите тревата веќе ја нема и е ископана мала дупка.

Протестите немаат официјален организатор, но како негови поддржувачи се јавуваат неколку неформални граѓански иницијативи, меѓу кои и локалната „Сакаме Аеродром да дише“ која беше формирана во периодот кога спорниот ДУП И-10 беше донесен пролетта 2016 година.

Од граѓанската иницијатива „Сакаме Аеродром да дише“ велат дека не се изненадени од денешниот потег на Општината за паузирање на изградбата на парцелата кај Мајчин дом, бидејќи нешто слично направил и поранешниот градоначалник Ивица Коневски, кога граѓаните протестирале против носење на ДУП-от, но дека тие и натаму ќе продолжат да се борат. Револтираните граѓани и натаму го искажуваат своето незадоволство на социјалните мрежи и групите за заштита на природната средина во Аеродром.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.